НБРМ: Показателите од вториот квартал упатуваат на подобрување на состојбата на економијата

9 August, 2017 - 15:08

По стагнацијата на економската активност во првото тримесечје, високофреквентните показатели за вториот квартал упатуваат на подобрување на состојбата на економијата, оценил Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија на вчрашната седница.

Таа констатација, соопшти денеска НБРМ, е поддржана од растот на индустриското производство, по неговото намалување во првото тримесечје, забавувањето на падот на градежната активност, како и забрзувањето на растот во трговијата. Сепак, истакнува НБРМ, расположливите високофреквентни податоци за второто тримесечје се ограничени, што ја отежнува можноста да се формира прецизна оцена во поглед на динамиката на активноста во овој квартал. Во однос на проектираната патека до крајот на годината, пониските остварувања во првото тримесечје создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2,5 проценти за цела 2017 година, се вели во соопштението.

Комитетот за оперативна монетарна политика на седницата оценил дека постојните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици, укажуваат на тоа дека засега постојната монетарна поставеност е соодветна.

- Екстерната позиција гледана преку остварувањата кај девизните резерви генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здрави економски фундаменти. На ваква констатација упатуваат и податоците за кредитните текови, а воедно и остварувањата кај штедењето во јуни даваат поволни сигнали и постепено приближување кон проекциите, заклучил Комитетот.

Најголем дел од показателите битни за монетарната политика не отстапуваат значајно од очекувањата, но, посочува НБРМ, сепак постојат пунктови каде е потребна одредена внимателност.

Имајќи ги предвид промените кај ликвидносниот потенцијал на банките во јулскиот период на задолжителна резерва, на седницата е одлучено да се изврши приспособување на износот на благајнички записи. Во таа смисла, на аукцијата на благајнички записи којашто ќе се одржи денеска понудата на благајнички записи ќе изнесува 25.000 милиони денари, односно е пониска за 2.361 милион денари во однос на достасаниот износ. Во такви услови, а при присуство на одредена неизвесност и ризици, каматната стапка на благајничките записи остана непроменета на нивото од 3,25 проценти. На тој начин, истакнува НБРМ, се создаваат услови за надоместување на промените кај ликвидносниот потенцијал на банките, како и одржување ликвидни средства во расположливите депозити кај Народната банка, коишто може да се мобилизираат ефикасно за натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор.

Според соопштението, јулските податоци за инфлацијата укажуваат на умерено забавување на годишната стапка на инфлација на 1,2 процента, при што просечниот годишен раст на цените во првите седум месеци изнесува 0,9 проценти. Ризиците околу проекцијата на просечната инфлација за годинава од 1,3 проценти се оценуваат како урамнотежени.

Во текот на јули, како што укажува НБРМ, ликвидносниот потенцијал на банките на домашните пазари продолжил да се намалува, главно под влијание на сезонски фактори поврзани со зголемената побарувачка на денарска готовина во период на годишните одмори. Банките ги надоместиле потребните ликвидни средства преку намалување на пласманите во краткорочните монетарни инструменти кај Народната банка, а значаен дел е неутрализиран и со тргувања на пазарот на пари. Притоа, во јули банките имале релативно висока трговска активност на пазарот со меѓубанкарски депозити со рочност до една недела, а дополнително, дел од потребната ликвидност банките ја обезбедиле и преку тргување со хартии од вредност на секундарниот пазар.

- Финалните монетарни податоци со јуни годинава покажуваат зголемување на вкупните депозити на месечна основа (за 0,8 проценти), наспроти нивното намалување во текот на претходните пет месеци. Месечниот раст, речиси, во целост се должи на зголемувањето на депозитите на домаќинствата, а умерен придонес кон месечниот раст имаа и корпоративните депозити. Вкупните депозити остварија раст од 7,6 проценти на годишна основа, што сѐ уште е под проекциите за второто тримесечје, но овој јаз постепено се стеснуваше во текот на кварталот. Кредитната активност и во јуни продолжи да расте со солидно темпо, при раст на кредитната поддршка и на корпоративниот сектор и на населението. Годишниот раст на кредитите на крајот на јуни изнесува 5,8 процент (со изолиран ефект од регулаторни промени) и е над очекуваниот за второто тримесечје на годинава година, соопштува Народната банка.

Движењата на девизниот пазар во јули, исто така, имале вообичаена сезонска динамика, и се карактеризирале со зголемена понуда на девизи од менувачи, што овозможило задоволување на побарувачката за девизи од останатите клиенти. Зголемената понуда на девизи од менувачкиот пазар продолжи и во почетокот на месецов, овозможувајќи раст на девизните средства на банките и повисока понуда на меѓубанкарскиот пазар. Во такви околности, Народната банка интервенирала со откуп на вишокот на девизи од банките поддржувачи.

Според НБРМ, девизните резерви, генерално, се движат по очекуваната патека, при што нивното намалување во јули е поврзано со редовното намирување на долгот на државата. Притоа, особено битни се движењата на девизниот пазар коишто се стабилни, со вообичаени сезонски движења и без присутни притисоци. Воедно, и натаму показателите за девизните резерви остануваат на адекватно ниво.

Во однос на остварувањата во билансот на плаќања, како што наведува НБРМ, податоците за април и мај навестуваат подобри остварувања и кај тековните и кај финансиските трансакции во однос на априлската проекција. На таков заклучок упатуваат и податоците од надворешнотрговската статистика, коишто покажуваат нешто понизок остварен трговски дефицит во однос на очекуваниот во вториот квартал годинава.

Народната банка укажува дека и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски индикатори и случувањата во домашната економија, при што, нагласува, идните промени во монетарната политика во голема мерка ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.

Веста е прочитана 934 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.