Напролет заедничка седница на владите на Македонија и Србија

21 November, 2017 - 16:26

На својата прва официјална посета на Белград, премиерот Заев беше пречекан од највисокиот државен врв. По тензиите меѓу двете земји со „шпионската афера“ во април и „дипломатската криза“ во август годинава, кога Србија го повлече целиот дипломатски персонал од амбасадата во Скопје, денеска двете страни си упатија пораки на добрососедство и партнерски односи. Се договориле и да одржат заедничка седница кон крајот на февруари следната година, на која ќе се отворат прашањата за заштита на правата на малцинствата на двете земји и ќе биде потпишан договор за културни обележја и споменици.

На новинарско прашање за Косово и гласањето на Македонија во УНЕСКО, Заев рече дека Македонија ќе го почитува дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека верува дека што поскоро тие ќе најдат решение. Се договориле да разговараат отворено за секое спорно прашање. Зборувајќи за допломатската криза, Заев рече дека решението било најдено на дипломатски, пријателски начин. Неговата српска колешка, Ана Брнабиќ, изјави дека е најважно проблемите  да се решаваат преку отворен дијалог.

Премиерот Заев во Белград се сретна и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. На средбата е потенцирано дека, е од особен интерес соработката и на безбедносните прашања, економската и социјална благосостојба на граѓаните на двете земји, како и регионалните иницијативи. На приемот Заев му подари на Вучиќ  дрес на најтрофејниот македонски клуб „Вардар“.

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 1365 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.