Наградени граѓански новинари - борци за вистината

11 August, 2017 - 18:54

Граѓанскиот новинар Вулнет Махмути, за видео сторијата „Приведени членови на партијата Левица во Скопје“, од три члената жири комисија на Цивил - Центарот за слобода, ја освои првата награда. За лауреатот, тоа е поттик за професионален ангажман во новинарството.

„Би продолжил со новинарството, затоа што таков сум од внатре, сакам да се борам за вистината и секогаш сакам да сум искрен“, рече Махмути.

Втората награда за видео сторијата „Градинкa во Чаир врши религиозна индоктринација врз деца“, ја понесе граѓански новинар чиј идентитет од безбедносни причини не беше откриен. На доделувањето, исто така не се појавија ни Сотир Габеловски и Климент Арнаудов, добитници на третата и на една од двете четврти награди, за сториите „Комунално претпријатие од Охрид исфрла кучиња на депонија“ и  „Спортската сала во Крушево без брава и со искршени прозорци“. Но, дојде добитникот на втората четврта награда, Дамјан Темков, што ја освои за сторијата „Портокалова фаза: Работници на + 40 степени Целзиусови“.

„Ваквиот вид новинарство кое потекнува од чисто, телефонот и слично е доста значајно“, оценува Темков.

„Тоа се прилози кои се треперливи, кои не се со квалитетни снимки, меѓутоа во тие снимки беа фактите. Токму од тој мотив тргнавме пред 2 години“, вели Џабир Дирала.

Според Маја Ивановска, член на жири комисијата, читаноста на сториите на веб страницата на „Цивил“, одредила кои граѓански новинари ќе бидат наградени. Сториите ќе продолжат да се истражуваат во соработка со новинари на „Цивил“. Наградите во вид на ваучери од 110 до 35 долари за видео, аудио, фото и пишани стории, се доделуваат во рамките на проектот „Граѓански објектив“. Тој афирмира социјални и политички ангажирани теми и ги поттикнува институциите и поединците да го корегираат своето работење. 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 930 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.