На Груевски, Јанакиевски и Пешевски ќе им се суди за „кинеските автопати“

13 November, 2017 - 15:42

Експремиерот Никола Груевски ќе седне во обвинителна клупа и за кинеските автопати заедно со поранешените високи владини функционери Владимир Пешевски,  Миле Јанакиевски и Љупчо Ѓоргиевски. Кривичниот суд го потврдил обвинението за „Траекторија“  потврдија од СЈО. Обвинетите се за незаконитости при избор на фирмата што ги гради делниците Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со што на буџетот му нанеле штета од околу 155 милиони евра.

Според СЈО, обвинетите ја прифатиле понудата на компанијата која за автопатот Кичево - Охрид имала повисока понуда. За разлика од другите предмети на СЈО, Советот што го оценувал обвинението на чело со судијката Татјана Михајлова овој пат не ги отфрлиле бомбите од доказите така што тие како докази ќе се слушаат и во судница. 

Меѓу доказите има 315 прислушувани разговори. Ова е една од снимките што опозицијата ги објави за кинеските автопати.

Бомбите остануваат доказ и во предметот „Тарифа“.  Советот за оценка на обвинението предводен од судијката Лидија Петровска го одобриле обвинението без да ги отстранат аудиоснимките како што тоа се правеше во претходните предмети кога судиите од Кривичен прислушуваните разговори ги третираа како незаконски прибавени, а потоа Апелација им ги менуваше одлуките.  

Предметот „Тарифа“ е за незаконска набавка на софтвер за ЕЛЕМ. Според СЈО, договорот е склучен на сума од 4,2 милиони евра, а иако во најголем дел парите биле исплатени на фирмата, системот се уште не е целосно имплементиран. Штетата пресметана во обвинението е 456 илјади евра. Со истрагата беа опфатени  7-мина, а обвинението за „Тарифа“ беше поднеснео против  3-ца меѓу кои и екс директорот на ЕЛЕМ, Бошковски.

Дел од обвиненијата на СЈО се веќе потврдени, а се чека да започнат судењата. Се уште нема закажано датум за почеток за клучниот предмет „Тврдина – Таргет“  кој се однесува на прислушувањето и уништувањето на доказите.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 7180 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.