МВР истражува кој им помогнал на Грујевски и Бошкоски да избегаат од државата

12 September, 2017 - 15:32

Бегството на Горан Грујевски и на Никола Бошкоски, обвинетите од СЈО за нелегално следење на комуникации е организирано, а во МВР истражуваат кој им помогнал на двајцата бегалци да не отидат во притвор.

-Очигледно е дека овде станува збор за еден сплет на околности, на поврзаности меѓу јавното обвинителство, меѓу судството и меѓу структурите на поранешната власт кои што дозволија бегање односно напуштање на државата на овие две лица и за тоа верувајте дека се водат соодветни постапки и ќе дојдеме и до други лица кои сигурно го озвозможиле тоа и за кои треба да се покрене сериозна одговорност, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. 

МВР не ги фати, но не ги ни пушти да избегаат туку според Спасовски тоа е грешка на судот. Двајцата поранешни началници во петтата управа на УБК каде е системот за прислушување. Грујевски и Бошкоски се избегани повеќе од месец и половина, постојано се проверуваат информации и сознанија, но засега не е познато каде се.

Беше откриено и дека Грујевски имал двоен идентитет и друг пасош на име Владимир Варелов, негов сограѓанин од Велес кој е вработен во ЕБР. Спасовски не прецизира кој му го издал вториот пасош на Грујевски и дали е повлечен од употреба.

Темата за бегалците на СЈО, беше дел од новинарските прашања за министерот по неговиот отчет за првите 100 дена, а тој најави ефикасна трансформација на тајните служби за да се спречи злоупотреба на прислушувањето. Тврди дека сите што нелегално следеле комуникации ќе одговараат, како и тоа дека денеска јавноста треба да биде спокојна затоа што во УБК не се прислушува веќе нелегално.

Министерот Спасовски истакна и дека во МВР фалат полицајци за на терен, во СВР Скопје недостасувале 860 полицајци, а во Охрид 150. Голем дел од претходно примените униформирани полицајци многу бргу напредувале по внатрешните конкурси на МВР и станувале инспектори по кратко време без многу активности во униформа.  

Спасовски откри и дека 468 вработени во скопската полиција земале оружје на нелегален начин, но обвинителството не покренало истрага по тој извештај на МВР.

Министерот рече дека го отфрлил барањето на екс премиерот Никола Груевски за нови 20 полицајци за обезбедување затоа што е оценето дека нема закани кон него, и дека неговото 6-члено обезбедување досега не пријавило инциденти или закани за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 3465 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.