Мугабе поднесе оставка - Од херој до тиранин на Зимбабве!

21 November, 2017 - 21:56

Претседателот на Зимбабве Роберт Мугабе си поднесе оставка. Експлозија на радост во моментот кога претседателот на Парламентот, Јакоб Муленда ќе соопшти дека го примил писмото со оставка од Мугабе.

Во писмото стои: „Јас, Роберт Габриел Мугабе, врз основа на членот 96 од Уставот на Зимбабве, формално ја поднесувам мојата оставка. Одлуката за оставка е само моја. Овој мој избор е мотивиран од мојата желба да обезбедам транзиција на моќта без проблеми, на мирен и ненасилен начин“, ќе стои во писмото.

Веднаш потоа во Собранието е прекината постапката за импичмент, додека пратениците со воодушевување и хор од акламација ја прифатија веста.

„Ова е историски настан. Имаме многу што да научиме од ова и да се подобриме таму каде што сме направиле грешки и да ја направиме повторно голема оваа земја“.

„Колку изненадени сте дека оставката дојде во овој момент“?

„Не сум изненаден затоа што развојот на настаните се одвиваше во последните две недели како што можете да видите, епилогот ни беше пред очи последниве две недели. Ова беше последната шајка во ковчегот“.

„Направи достоинствен чекор“?

„Направи достоинствен потег од негова страна, но ова можеше да се направи порано“.

„Дали е ова нова ера за Зимбабве“?

„Секако, секако“.

„Што е сега приоритетот“?

„Па, тоа што е важно е обединетоста, мирот и развојот на оваа земја“.

Претходно, парламентарците расправаа за импичмент на Мугабе, кој беше обвинет, меѓу другото за овозможување на неговата сопруга да ја узурпира уставната моќ и оти е во поодмината возраст и без капацитети да владее. Оставката доаѓа една недела по воената интервенција предизвикана од разрешувањето на долгогодишниот потпретседател Емерсон Мнангагва и назначувањето на непопуларната 52-годишна сопруга на Мугабе, Грејс на негово место. Мугабе се обиде да се одржи на власт цела недела, пред два дена одржа телевизиско обраќање до нацијата, каде и покрај очекувањата, одби да си поднесе оставка.

На улиците на Хараре, како и во изминатите денови, сведоци сме на сцени на радост и танцови, помешани со неверување, но и голема надеж за подобра иднина.

„Светла иднина, светла иднина, светла иднина затоа што имаме се што е потребно за да бидеме најдобрата земја на светот. Имаме минерали, имаме земја, ја имаме струката. Иамме учени луѓе, нашиот народ е образован и луѓето се силни работници“.

Се затвора ерата на диносаурусот Мугабе, и со него 37-те години власт, прво како премиер од 80-та до 87-ма, а потоа и како шеф на државата.

Сигурно сонувал за поинаков епилог, некогашниот борец за независност на Зимбабве од Велика Британија, кој потоа ќе се претвори во диктатор. Роден во 1927 година во селото Кутама, Мугабе требало да стане наставник. Но, ќе се придружи на борбата за независност од власта на малцинството на белата популација и британската доминација. По 11 години поминати во затвор, Мугабе ќе стане премиер на независно Зимбабве во 1980 година.

Но, денес зад себе остава уништена земја. Зимбабве го држи тажниот примат за највисока стапка на смртност меѓу новороденчиња, и најниска стапка на живот. Четвртина од популацијата е заразена од Хив вирусот, додека здравствените услуги се меѓу најлошите на светот, а самиот Мугабе се лечи во Сингапур. Обвинет дека ја има уништено економијата на земјата, Мугабе од 2004 година е персона нон грата во ЕУ и САД. Амнести интернешнл во повеќе наврати го обвини дека намерно го спроведува кршењето на човековите права, а во 2008 година според Хјуманс рајтс воч го обвини за терор и тортура врз припадниците на опозицијата и обичните граѓани.

Од херој до тиранин, на свои неполни 94 години, од власта си заминува најстариот државник на светот.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 1889 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.