Може ли да се зголеми минимална плата?

20 March, 2017 - 16:10

Социјалните партнери решија сега да бараат начини како да ја зголемат минималната плата во земјава, иако нова Влада се уште не е формирана, а старата работи на техничко ниво. Работодавачите, Синдикатот и министерот за труд во заминување тврдат дека шанси за пораст на минималната плата има, но таа мора да биде предмет на усогласување, и не смее да стане закана за евентуално отпуштање вработени.

Димитров вели дека во последниов период веќе пораснала платата во трудоинтензивните дејности, но тоа се случило заради недостигот на работници и одбивањето на младите да работат во тие гранки.

Министерот порача да не се исфрлаат бројки за минимална плата напамет, без аргументи и компромис. Тој потсети дека пред изборите сите политички партии давале ветувања на оваа тема.

Првиот човек на ССМ, пак, реши сега да го исфрли прашањето за работниците во странските компании во индустриските зони, иако работат со ниски примања, а нивните права се кршат со години наназад.

Минималната плата во моментов изнесува 10.080 денари.

Се бараат решенија и како да се обезбеди поголема сигурност на работниците преку зголемување на договорите на неопределено време, кои, како што се пожали Митревскии, биле во помал број од оние на определено. Синдикатите ќе се залагаат и за намалување на големата нееднаквост на платите на исти работни места во различните сектори.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2332 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.