МНР упати протестна нота до Атина за блокадата на Евзони

16 February, 2017 - 19:15

Грчкиот амбасадор во Македонија Димитрис Јанакакис денеска бил повикан во МНР каде му била врачена протестна нота со барање Грција да го реши проблемот со блокадата на граничниот премин Евзони. Македонските власти испратија писмо и до Европската комисија во кое се наведува дека со блокадата која со денови ја прават грчките земјоделци се крши Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ која гарантира слободно движење на стока и луѓе а која е потпишана и од страна на Грција .

18 дена по почетокот на протестите, МНР побара помош и од Албанија, македонските компании да можат да го користат пристаништето во Драч како алтернатива за Солунско пристаниште.

Додека се чека решение на проблемот со блокадите и штрајковите на кои сме сведоци речиси секоја година, стопанските комори на Србија и Македонија апелираа за што побрзо решавање на проблемот со блокадата на Евзони. Од спуштената рампа на овој граничен премин освен македонското стопанство трпат и земјите со кои се соработува и затоа владите треба да овозможат меѓусебна соработка и економска интеграција на Западен Балкан беше речено на Македонско-српскиот бизнис форум

„Било какви блокади на границите на овие земји можат само да го забават растот на трговската размена. Ние како комори се обидуваме да влијаеме на владите на двете земји и да укажеме колкави се штетите и трошоците кои настануваат со таков вид на времени пречки. Во таа смисла апелираме да се овозможи слободен проток на стоки и луге и на тој план да работиме не само билатерално туку и регионално“, вели Даница Миловановиќ од Стопанската комора на Србија.

„Штети ќе има не само врз македонското стопанство, туку и врз земјите со кои соработуваме. Се надеваме дека ситуацијата ќе има брза разрешница за да не бидат големи директните и индиректните трошоци“, изјави извршниот директор на Стопанската комора, Јелисавета Георгиева. 

 

И покрај алтернативните премини за влез и излез од Грција, отежнат е сообракајот за македонските транспортери. На малите гранични премини како на пример на Дојрани не може да помине стока што подлежи на фитосанитетски анализи па затоа Макамтранс побара од Грчката амбасада, на овој премин да работи и ветеринарна иснпекција..

„Крајно време е да се одржи регионална средба на претседатели и премиери и да се бара состанок со грчката страна или да продолжи притисокот преку Брисел. Ние сме многу мали држави и не можеме да ги издржиме наметнатите блокади“, вели Билјана Муратовска.

Вчера евроамбасадорот во Македонија Самуел Жбогар изјави дека Брисел внимателно го следи проблемот на Евзони и дека очекува да следи реакција и обид за негово трајно решавање.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 1383 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.