ММФ прогнозира раст од 3,2%

19 April, 2017 - 18:59

ММФ ја намали прогнозата за економски раст. Наместо 3,6% колку што се предвидуваше лани, сега очекувањата се спуштени на 3,2% за цела 2017 година односно 3,4% за следната. Ваквите бројки не треба да не радуваат вели универзитетскиот професор Никола Поповски бидејки тој раст нема да направи пресврт во квалитетот на економскиот живот во Македонија.

„Ова е бетонирање на состојбата во која сме. Треба многу напори за да се подигне перцепцијата на ММФ за 2-3% а за тоа треба институционален капацитет. Кај нас тоа е слабо, немаме влада, немаме функционален парламент, пазарни услови. Ако се додаде и тоа дека Македонија може политички да се блокира во следните 2-3 години, може и полошо да стане“, смета професорот Никола Поповски.

Според најновиот извештај за светските економски изгледи претставен на пролетното заседание на Светска банка во Вашингтон, Албанија, Црна Гора и Косово избија пред Македонија во поглед на стапките на економски раст за оваа година. За да го развиеме потенцијалот за раст што сега го немаме, вели Поповски, треба да ги развиеме внатрешните пазари, да го зголемиме извозот, да ангажираме повеќе работна сила и да се зголемат приватните инвестиции.

„Растот го влече градежништвото но тоа се базира на државни инвестиции. Тоа не може да оди во недоглед, еден ден ќе се намалат и ќе го повлече растот надоле а индустријата, трговијата, услугите, ќе се исцрпат“, додава Поповски.

ММФ уште укажува дека земјите треба да се фокусираат на спроведување на структурни реформи, на зголемување на продуктивноста, потрошувачката и инвестициите а клучен предизвик останува решавањето на финансиските слабости и примената на стратегии за одржлив јавен долг. Освен ММФ, и Светска банка пред една недела ја намали проекцијата за раст на 2,8%, со напомена дека тој раст е можен само доколку политичката криза се разреши во првата половина од годината. 

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 685 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.