Мирјана Карановиќ: Уметникот треба да работи како што чувствува

26 April, 2017 - 11:07

Сите уметници покажуваат некаков вид општествен ангажман, смета реномираната српска актерка и добитничка на наградата „ Освојување на слободата“, во 2009 година, за афирмација на принципите на човековите права, правната држава, демократијата и толеранцијата, Мирјана Карановиќ. Без разлика дали тоа некому му пречи или не, уметникот треба да се однесува онака како што чувствува, вели таа.

-  Знаете што ? Мислам дека уметникот треба да се однесува онака како што чувствува дека сака да се однесува. Така што, дали тоа пречи или не, јас не знам како тоа некој може да ви го забрани, да работите нешто. Тоа каква сум јас, тоа јас сум таква, вели Карановиќ. 

Мирјана Карановиќ дојде на 20- тиот„ Скопски Филмски Фестивал“, за македонската премиера на филмот „ Реквием за госпоѓа Ј“, работен како меѓународна копродукција во која учествува и Македонија. Во оваа црна комедија, по текст и во режија на Бојан Вулетиќ,  актерката игра жена во депресија која сака да се самоубие, една година по смртта на сопругот.

- Ликот на госпоѓа Ј. за мене до сега е можеби лик со кој јас одам најдлабоко во негирањето на се што ја означува некоја личност и ја дефинира како карактер. Така што тоа ми беше на некој начин најголема задача и најголем проблем. Нејзината внатрешност и таа некоја празнина што ја чувствува и таа беспомошност и депресија, всушност да ја почувствувам , не како некаков начин за играње од надвор некаков лик, туку да се обидам одвнатре целосно да се поништам себе си, смета таа. 

Карановиќ до сега има одиграно над 80 филмски и телевизиски улоги,  многу рољи во театар, а дебитираше и како режисерка со филмот „ Добра жена“. Се појави и блесна на филмското платно 1980 година, со насловната  улога во „ Венецот на Петрија“, за која освои „Златна арена“ на Пулскиот филмски фестивал. Иста награда од Пула, но и светска слава постигна со ликот на Мајката во филмот “ Татко на службен пат “. А, филмот „ Грбавица“ од 2005, во кој исто така настапи, освои „ Златна мечка“ во Берлин. За својата работа одликувана е со францускиот орден Витез на уметноста и литературата.

-Јас не се согласувам дека играм маченички. Јас играм некои човечки битија што имаат некаква судбина во својот живот. Така што тие жени , што јас ги одиграв до сега , тоа се жени кои наидувале на некакви понори и успевале да ги преминат, вели Карановиќ. 

Мирјана Карановиќ не се потпира врз успесите од минатото. Вели дека е љубопитна да освојува нови простори и сака да се движи, без да знае точно каде ќе стигне во нејзините креации.  

 

 

Сотир Трајков

 

 

Веста е прочитана 929 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.