Минималната плата во Собрание, од септември таа е 12 илјади денари

4 August, 2017 - 15:57

Од први септември ниту еден работник во земјава не смее да зема плата пониска од 12 илјади денари. Пределог законот за минимална плата денеска влегува во собраниска процедура, откако Владата го усвои на вчерашната седница. Собраниски извори велат дека штом предлог законот стигне во собранието, претседателот на парламентот Талат Џафери би можел да го постави на дневен ред на првата наредна нова седница, по што тој би влегол во комисиска расправа. За фирмите да немаат штети поради дополнителните трошоци и да не отпуштаат работници, владата за нив извесен период ќе дава поддршка со буџетски пари. Тие се обезбедени со ребалансот на државната каса, кој треба да биде изгласан во недела. Експертите велат дека мерката ќе биде позитивна за работниците, особено во текстилната и кожарската индустрија, и таа ќе придонесе и за зголемување на просечната плата, но паралелно треба да се донесат и други законски измени. Минималната плата од 12.000 денари беше предизборно ветување на СДСМ и дел од нивната владина програма. Во првите шест месеци буџетската поддршка за фирмите ќе изнесува по 1,5 милиони евра месечно, а потоа ќе се преполови, со цел фирмите да се прилагодат на новата ситуација. Работодавачите кога преговараа со Владата изјавија дека се задоволни од поддршката, но предупредија да не се дозволи да се случи уравниловка, па добрите работници да се демотивираат со тоа што плата ќе им се изедначи со лошите. Во моментов минималната плата изнесува 10.080 денари, но неа не ја земаат вработените во текстилот, кожарството и производството на облека, кои сега живеат со примања од 9.560 денари месечно.

 

Нина Нинеска- Фиданоска 

Веста е прочитана 732 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.