Меркел пристигнува подготвена на првата средба со Трамп

17 March, 2017 - 16:16

Лошите временски услови на кратко ја одложија средбата меѓу најмоќниот политичар и една од највлијателните жени во светот. Но двајцата политички лидери на западот немаат речиси ништо заедничко. Сепак, секогаш прагматичната Ангела Меркел, анализирајќи ги интервјуата на Доналд Трамп и неговите први политички одлуки заклучила дека бизнисот е најдобриот начин да се започне соработката со новиот американски претседател. Став што го делат и нејзините најблиски соработници.

„Мислам дека најважното, кога за прв пат се среќавате со некого, е да се пронајде добра основа за отворен разговор, исто така и за прашања за кои немаме сосема идентични ставови, што секако би било лудо“, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.

За таа цел, со Меркел во Вашингтон патуваат извршните директори на БМВ и Сименс, Харалд Кругер и Џо Кејзер, кои заеднички ќе се обидат да го наговорат Трамп да се откаже од најавите за зголемување на даноците за увоз. Најави кои од Европа беа сфатени како закани против слободната трговија и удар врз трговската размена меѓу Стариот континент и САД.

„Претседателот сака да се утврди дека нашите спогодби се реципрочни и правични, и се одраз на потребата американскиот работник да биде барем на истото рамниште и да се натпреварува“, категоричен е американскиот министер за финансии Стивен Мнучин. 

Многу покомплицирани ќе бидат разговорите околу буџетот на НАТО, климатските промени, меѓународниот тероризам, Блискиот Исток и секако односот кон Русија. Очекувањата во Берлин се прилично ниски, средбата да заврши и како едноставно запознавање, но исто така има и потенцијал да одлучи во која насока ќе се движи понатамошната соработка меѓу САД и Европа.

Игор Трајков

Веста е прочитана 1165 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.