Малку жени именувани на новите функции

12 August, 2017 - 15:54

Дискриминација, маргинализирање, лицемерие  и недозволива кадровска политика на полова нерамноправност. Ова се само дел од острите критики во јавноста за последните кадровски решенија на новата влада кога на 67 функции беа назначени само 8 жени или едвај 11 отсто. Квотите не се решение, но ваквата нерамноправност значи отфрлање на квалитетот на жените во политиката, сметаат политиколозите, а уште поразочарувачки е што новата влада наместо да оди напред, го следи примерот на претходната во однос на родовата политика.

Ниту активистите за женски права немаат илузии дека Македонија би го достигнала нивото на една Франција каде што половина влада на Макрон се жени. Но додека во македонскиот Парламент мораше со закон да се регулираат квотите, разочарува што на важни раководни позиции не се смета на жени. Од 25 министри само три се жени, Радмила Шеќеринска, Мила Царовска и Рената Десковска. Треба волја ова да се промени, иако родовата застапеност не значи и родова сензибилност, предупредуваат активистите.

Ана Василевска, активистка  за женски права pотстетува и на Стратегијата за родова еднаквост  и усвоениот закон уште во 2013 со кои Владата е должна да се грижи за тој баланс. Политичка волја од новата влада засега нема.

 

Сања Васиќ

Веста е прочитана 911 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.