Макрадули: Отворањето на „Југохром“ во фази по исполнување на еколошките стандарди

10 October, 2017 - 11:21

Комбинатот „Југохром“ може да се рестартира во фази и само по исполнување на еколошките стандарди, по воведување соодветни филтри и она што како екологија треба да го задоволува. Ова денеска го истакна заменик-министерот  за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули пред почетокот на јавната дебата на тема „Не оставај на друг, дојди за чист воздух“.

„’Југохром’ беше затворен затоа што, како што кажа и премиерот Заев, менаџментот на комбинатот беше жртва на притисоци и уцени од претходната влада“, рече Макрадули.

Потенцира дека остануваат на заложбата не само „Југохром“ туку и сите индустриски капацитети, да ги исполнуваат своите обврски согласно законите во Република Македонија. 

На новинарско прашање за интерсекторската работна група за загадувањето која се сретна минатата недела, Макрадули рече дека ваква група првпат е формирана од Владата и неа ќе ја информира за своите активности. 

„Подигнато е на едно ниво. Дадена е политичка димензија и политичка тежина на активностите. Првпат се вклучени и здруженијата на граѓани со свои претставници кои тие ги избраа во процесот и во работата на интерсекторската работна група. И по конститутивниот состанок договоривме некои активности“, рече Макрадули.

Заменик-министерот Макрадули истакна дека на 19 октомври во МКЦ ќе има настан за квалитативна анализа на она што се случува со воздухот и најави дека ќе излезат со решенија. 

Веста е прочитана 1610 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.