Македонскиот почесен конзул Јела по убиството на своите деца има самоубиствени намери во затвор во Јужна Африка

19 April, 2017 - 17:06

Марио Сезар Деус Јела, 48-годишниот македонски почесен конзул денеска на судското рочиште по обвинение за убиството на своите тригодишни деца се жалел на условите во затворот во Јужна Африка каде е притворен, а неговиот адвокат велел дека има самоубиствени намери.

Деус Јела е обвинет за убиство на своите тригодишни близнаци чии тела беа најдени пред десет дена во куќа во Јужна Африка. Деус Јела е стоматолог од Барселона, а во Шпанија бил и почесен конзул на Македонија избран на 6-ти декември 2012-та година.

По краток престој во болница, Деус Јела беше префрлен во затвор во Јужна Африка, но сега се жали дека условите се многу лоши и во затворската болница каде е сместен.

Неговиот адвокат изјавил дека Деус Јела одбивал да спие на валканите душеци на земја во затворската болница, не јадел и не пиел ништо поради психичката состојба во која западнал по убиството на двете деца. По барање на адвокатот, судот одлучил првин психијатар да го прегледа осомничениот Јела пред тој да се изјасни за вина во судница.

Адвокат на Деус Јела е Вилијам Бут, познат јужноафрикански адвокат кој бранел педофили, но и бил стручен телевизиски коментатор на судењето на познатиот атлетичар Оскар Писториус.

Иако првично беше објавено дека двете тригодишни близначиња се убиени со нож, од јужноафриканската полиција ни одговорија дека се уште не е завршена постапката за утврдување на причините за смртта.

-Причината за смртта на двете тригодишни деца се уште се утврдува. Судот денеска го одложи сослушувањето за 25-ти април, одговори на прашањата на Телма полковник Андре Траут, портпарол на Јужно-африканската полиција.

Двете мртви близначиња беа откриени од страна на нивната мајка Џулија Енгелхорн. Енгелхорн(државјанка на Јужна Африка) и осомничениот македонски конзул отпочнале бракоразводна постапка. Но при последната посета на Деус Јела, двете близначиња се убиени.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 2408 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.