Луан Старова: Политичката криза е резултат на отсуството институционална свест и континуитет

15 April, 2017 - 16:22

Отсуството на институционална свест и политичка култура, но и дисконтинуитетот во функционирањето на институциите на системот, се причини за длабоката политичка криза во која се наоѓа Македонија денес, вели новиот носител на орденот од редот на Офицер на Легија на честа, што го доделува Француската Република.

-  Ние немаме континуитет, не одржуваме континуитет на нашите институции кои често пати се под ударот на ненадејните политички промени. Мислам дека во тоа е суштината. Нашата немоќ да изградиме традиција на доближување и интегрирање во евроатланските интеграции. Иако ние ја имаме согласноста, го имаме на некој начин консензусот на целото население. Меѓутоа тука е таа немоќ за која мене ми е доста жал. Таа беше доста успешно согледана, да речеме од институциите на Франција, во случајот со Кедорсеј. Ова високо, би рекол највисоко одликување што ми се доделува мене од претседателот на Француската Република, можеби има и смисла на еден симбол, на едно укажување дека некогаш можело да се направи многу повеќе, а сега се прави многу помалку, вели Старова. 

Академик Старова го доби орденот за ангажманот како прв амбасадор , испратен од самостојна Македонија во Франција. Таму работеше на развивање на односите меѓу двете земји и на приближување на сликата за нашата држава, во тие критични години за Балканот. На прашањето дали е оптимист за сегашниве случувања во државата, тој вели:

- Нашата ситуација е доста флуидна за да може да навлезе човек во неа, за да каже дали е оптимист или песимист. Меѓутоа, јас лично мислам дека големите генератори на кризата за некои воени пресметки се исцрпени. Тие се повеќе во партиско- политичките агенди и кај нивните гласноговорници, отколку во реалноста, вели Старова. 

На книжевен план, Луан Старова стекна меѓународно реноме, со објавувањето на првите романи од неговата „ Балканска сага“, од страна на престижниот француски издавач „Фајар“.

- Целта ми е на некој начин, да сведочам за Хомо Балканикус. За човекот кој што го сметаат дека е носител на европското варварство. Напротив. Мојата теза е спротивна. Дека тој човек одамна е излезен од варварството. Да не говориме за античкиот период, да не говориме за средновековието кога овдека почнуваат ренесансните процеси. За многу периоди. Јас сакав преку едно семејство да ја искажам сета таа драма, во различни фази, преку феноменот на книгите кои се излез од тоа варварство.

По примерот на Достоевски, кој рекол дека убавината ќе го спаси светот, академик Старова верува дека добрината ќе го стори тоа .

 

 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1652 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.