Лидерската средба заврши без договор

14 May, 2015 - 20:38

            Најголемиот успех на речиси тричасовната средба е што лидерите на четирите најрелевантни партии седнаа на заедничка маса, со поддршка од амбасадорите Џес Бејли и Аиво Орав. Договор за разрешување на политичката криза не е постигнат. Не се договорени ниту темите за кои ќе се преговара. Сепак има волја за дијалог, па разговорите ќе продолжат во понеделник во ист состав. Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи објавија заедничка писмена изјава: со неа се поддржуваат демократските вредности, правото на мирен протест и евро-атлантската агенда, и се осудува насилството во криминални или политички цели.  По средбата, Груевски изрази подготвеност за дијалог во кој ќе се разгледуваат прашања од интерес на државата.

            Ова не беше политички дијалог, туку обид да се воспостави рамка за политички дијалог, но исчекор нема, изјави Зоран Заев. Најави дека опозицијата нема намера да се врати во Собранието доколку Владата не поднесе оставка и нема намера да се откаже од својата политичка агенда.

            Видливо е дека ВМРО ДПМНЕ и СДСМ не успеаја да ги доближат ставовите. Но, уште повидливо е дека ДУИ и ДПА успејаа во тоа. Лидерите на двете партии, Али Ахмети и Мендух Тачи, получасовната пауза ја минаа во пријателски разговор во четири очи. Потоа, имаа заеднички консултации и со Груевски, оставајќи го Заев малку на само со амбасадорите. По средбата, портпаролите на двете најголеми партии на албанците, заедно излегоа да дадат без малку идентични изјави.

            Тимови на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ во Брисел имаа два неуспешни обиди за дијалог со меѓународно посредништво. Денешната средба беше иницирана од амбасадорите Бејли и Орав, откако  иницијативата на шефот на државата не доби поддршка од сите учесници во процесот.

 

Соња Николовска               14.05.2015

Веста е прочитана 331 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.