Кривична пријава против тројца обвинители од тимот на Јанева

30 January, 2016 - 18:26

До Скопското јавно обвинителство поднесе е кривична пријава против тројца обвинители од Специјалното обвинителство на Катица Јанева и против неколку непознати, за кривично дело малтретирање во вршење на службата, казниво според член 143 од Кривичниот закон.

Друга кривична пријава е поднесена во Обвинителството за организиран криминал против полицаец заради незаконско влијание врз сведоци.

Кривичните пријави се предадени кај обвинителите кои по истрагата треба да одлучат дали ќе ги процесуираат овие случаи.

Од Обвинителството не го откриваат идентитетот на подносителот на пријавите, само велат дека станува збор за физичко лице. Неофицијално подносителот на пријавата бил малтретиран од непознати кои му се претставувале како истражители во Специјалното обвинителство, но и му се заканувале.

Пред четири дена тимот на обвинители на Јанева се намали за двајца откако  Лејла Кадриу и Марија Ѓоревска беа вратени во матичните обвинителства. Јанева тврдеше дека 10 обвинители се доволно. И дека ваквата одлука е донесена токму поради недостатокот на обвинители во основните обвинителства.

Таа во понеделник пред Советот на обвинители треба да даде отчет за работењето, едно од прашањата ќе биде каде ги примила, како ги складирала, дали ги преброила и сортирала материјалите од прислушуваните разговори кои и ги предаде лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Билјана Ставрова

Веста е прочитана 138 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.