Комеморација во чест на Огнен Чемерски

13 September, 2017 - 17:07

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“  се одржа комеморативна седница во чест на Огнен Чемерски преведувач и лектор на Катедрата за англиски јазик и книжевност. За познавачите на преводната дејност Огнен Чемерски е еден од најдобрите македонски преведувачи, познат во јавноста по седумгодишната работа врз преводот на „Моби Дик“ од Херман Мелвил. Во своите излагања неговите колеги, студенти, пријатели и почитувачи на неговото дело истакнаа  дека Огнен Чемерски ја збогати лексиката на современиот македонски јазик со оригинални решенија, вонредна студиозност, темелност и несекојдневна смисла за превод.

„Огнен покажува како треба да се преведува на македонски јазик без притоа да се добие впечаток дека македонскиот јазик кој во некоја лексичка сфера е инфериорен во однос на другите јазици, зашто не е така. Таков беше Огнен секогаш спремен да помогне, секогаш го избегнуваше најлесното решение и секогаш ги поттикнуваше другите да одат во потрага по најдобрите решенија“, истакна проф. д-р  Калина Малеска, Катедра за англиски јазик и книжевност

“Сме имале, имаме и ќе имаме одлични преведувачи, но подвигот на извонредниот колега и преведувач Огнен Чемерски е што создаде и поморски речник на народ кој живее во земја што сега нема море“, кажа проф. Огнена Никуљска, Здружение на преведувачи и толкувачи на Р.М.

„Еден стар зен мудрец има речено дека радоста е голема да си учител, уште поголема е да си ментор на ученикот што си го учел, а најголема е на крајот да станеш ученик на својот ученик. И кога веќе си мислев ете дојде ученик чиј ученик на старост можам да станам нештата се свртија наопаку“, кажа проф. д-р Зоран Анчевски, Катедра за англиски јазик и книжевност.

Веста е прочитана 2252 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.