Колку литературата на т.н „мали народи, јазици“ може да се пласира во светски рамки?

22 October, 2017 - 16:34

Национална стратегија во која ќе бидат вклучени издавачите, писателите, преведувачите и агентите кои ги застапуваат во меѓународни рамки  се клучни за пласирање на странскиот пазар, заклучуваат домашните издавачи по учеството на Саемот на книга во Франкфурт. Сето тоа подразбира детално проучување на странскиот книжевен пазар во текот на целата година и добро подготвена понуда која ќе ги заинтересира издавачите за тоа што го нудите, вели Бранка Бугариска.

„Не е само авторот и квалитетот на делото и наградите, туку и многу работа и соодветна национална стратегија. Тоа се двете клучни точки кои произлегоа и како заклучок од трибината и од сите наши досегашни искуства и комуникации со другите култури, кои што го поминуваат истиот пат како нас“, вели Бранка Бугариска од Македонската асоцијација на издавачи.

Фактот дека сме мала земја за многумина е егзотичен и интересот е голем, бидејќи станува збор за земја која би сакале да ја спознаат низ нејзината литература, вели Гванца Јобова претставник на Здружението на издавачи на Грузија, чија земја идната година ќе биде почесен гостин  на Франкфуртскиот саем.

„Малите земји можат да ја промовираат сопствената литература, едноставно потребно е да работат напорно, но потребна ни беше помош и поддршка од нашата влада, бидејќи станува збор за нешто што чини многу пари“ рече Јобова.

Доколку се има предвид искуството на домашните издавачи на годинашниот Саем на книгата во Франкфурт, кој се вбројува во најголемите саеми на книга кој вид на литература најмногу го привлече вниманието на странските киздавачи и агенти?

„Оваа и минатата година можам да забележам дека најголем интерес повторно имаше за литературата за деца, веројатно за нив внесовме една свежина, поинаков пристап, нов материјал, нови илустратори кои изгледаат светски, мислам дека е тоа што најмногу ги привлече“, вели Бугариска.

Светската книжевна сцена е разнолика и нуди бројни можности за промоција на литературата на т.н мали јазици и култури, сепак останува на домашните издавачи да го препознаат вистинскиот  начин со кој ќе го привлечат вниманието на глобалниот книжевен пазар.

Нина Стефанова

Веста е прочитана 680 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.