Кои се трите фирми кои ги добија тендерите за чистење на патиштата од снег?

11 January, 2017 - 21:15

Падна првиот снег годинава, едвај десетина сантиметри. Но сликите и снимките беа застрашувачки, како Македонија да е земја во поларните предели. Заглавени возила, застој во сообраќајот, завеани села.

Надлежните три дена претходно предупредуваа, Македонија пат се правдаше дека чисти, ама на помош повика и приватна фирми со механизација.

Кој годинава се грижи за сувите коловози, кои се трите фирми од кои зависи дали некој ќе остане завеан на патиштата. Топ тема на ваша страна ги пронајде.

Тетово, улица Илинденска ББ. Ова е локацијата каде е регистрирана фирмата која годинава го доби најголемиот дел за чистење на патиштата, но ќе земе и најмногу пари. НБ Транс Компани е фирмата која кога ќе заврне снег треба да ги чисти Автопатите, и патиштата во реонот на Скопје и Штип. За тоа од Македонија пат ќе добие милијон и пол евра. На плацот немаше никој, оти нејзиното седиште е малку подолу во градот. Зградата каде се наоѓа е одбележана со симболот на НБ компани, а и поштенските сандачиња на влезот укажуваат дека тука се канцелариите. Но обидот да разговараме со некој од сопствениците беше безупешен.

Топ тема на ваша страна дојде до документ од централниот регистар кој открива како е регистрирана фирмата и кои се нејзините сопствениците. Двајца браќа Бурим и Насер Ибиши од Мала Речица се газди на НБ Компани, нивниот татко Насер Ибиши е управител. Регистрирана е во 2007 како мала фирма која се занимава со транспорт со влог од околу 20 илјади евра. Се обидовме да разговараме со еден од газдите, да го прашаме каде беа неговите машини кога врнеше снег, дали има доволно возила и вработени, дали ги испочитувал одредбите од договорот со Македонија Пат.

На излезот од Тетово еден од багерите на НБ Транс Компани беше заглавен во снегот, имал проблеми со маслото. Возачот ни раскажа дека од полноќ е излезен од дома и цела ноќ е по патиштата. И тој како и сопственикот вели дека чистат во Северо Западна Македонија, други фирми се надлежни за источните делови и автопатите.

 Шеесетина километри подолу, во селото Долно Строгомиште во Зајас е втората локација каде според името треба да се наоѓа втората фирма која доби дел од парите за чистење на снег од патиштата. Таа е Перпарими НухиРеџепи. Според тендерската документација надлежна е за велешкиот регион, а за тоа ќе добие 110 илјади евра. Строгомиште  го затекнавме речиси пусто, полно со убави куќи ама огништата и покрај мраз ладното време најголемиот дел не горат. Ретките минувачи знаат за фирмата на Реџепи ама не упатија во Зајас.

Ова е плацот на Реџепи, во Зајас на самиот пат кон Кичево, ама исто како и неговата куќа зјаат празни. Нухи Реџепи е во Америка,  со фирмата раководи неговиот брат Касум, седиштето е во Кичево велат тие.

Во градот некој слушнале некои пак не знаат за Перпарими. Дел од нив велат ова е градежна фирма која изградила повеќе згради во околината, оти основна дејност и е градежништво. Според документите од регистарот до кои дојде Топ тема на Ваша страна и покрај тоа што во името на фирмата е впишан Нухи Реџепи сепак неговиот брат Касум Реџепи е сопственик. Основана е 1998 година со влог од повеќе од 30 илјади евра. Приоритетна дејност пишува дека и е изградба на станбени и нестанбени згради.  На улицата 11 септември во Кичево каде се наоѓа нејзиното седиште не беше ниту сопственикот ниту друг кој би можел да одговори на прашањата Дали Перпарими до сега ги исполнува условите од договорот со Македонија пат и има ли капацитет за чистење снег од овој обем. Безуспешни беа обидите да контактираме и со сопственикот на фирмата, од таму рекоа дека Реџепи е на состаноци, дека токму поради снегот има многу работа а подоцна тој не одговараше ниту на СМС пораките.

Уште 60 тина километри подолу се наоѓа и третата фирма која зема дел од колачот за чистење снег. Јоска Транс од Демир Хисар според договорот со Македонија пат е надлежна за чистење на снегот во Битолскиот регион. За тоа претпријатието според договорот се обврзало да и плати 330 илјади евра. На адресата на фирмата се наоѓа приватна куќа, на врата не пречека жена која се претстави како мајка на сопственикот, кој во тоа време рече дека е на пунктовите на Македонија пат. И покрај обидите не сакаше да го даде неговиот телефонски број за да го прашаме како тој се снаоѓа со снегот. Вели дека уште пред да падне снег, тој ги нудел машините, да бидат на дежурните пунктови во реонот за кој е надлежен.

Инаку оваа фирма и според документите од централниот регистар се гледа дека е регистрирана на домашна адреса на сопственикот Зоран Блажевски, кој во исто време е и управител. Се работи за мала фирма основана во 2007 со влог од 5 илјади евра. Приоритетна дејност и е Товарен транспорт. 

Договорите кои Македонија пат ги има со овие три фирми чија механизација и вработени ги позајмува за пари се многу прецизни. Точно се знае кое возило, каде и кога ќе се ангажира со цел да помогне при расчистувањето на снегот во реонот за кој е надлежен.

Сепак фирмата Перпарими од Зајас е онаа која најчесто ги добивала тендерите. Ако се погледнат договорите на сајтот на јавни набавки таа веднаш влегува во очи. Така на пример во 2015 единствено таа била надлежна за да го чисти снегот и за автопатите и за четирите подружници на јавното претпријатие кои ги покриваат патиштата во цела македонија. За тоа склучила договори пет договори, нивната вкупна вредност била речиси милион евра. И тогаш Македонија ја зафати снежно невреме дел од селата беа отсечени, патиштата неисчистени. Тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на македонија пат Гајур Кадриу си ја префрлаа вината.

Во 2016 та фирмата Перпарими добила конкуренција НБ Компани од Тетово истата која годинава го зема најголемиот дел од колачот. Така Тетовската станала надлежна за Автопатите и Скопскиот регион додека онаа од Зајас за останатиот дел од земјата. Првата било предвидено да земе речиси 900 илјади евра, втората околу 550 илјади. Тоа дека се исти фирми ги добиваат тендерите да Македонија пат нотираше и ревизорскиот извештај. Напиша дека начинот на кој се реализираат јавните набавки остава простор за фаворизирање на поедини економски оператори. Ги става во нерамноправна позиција и е нетранспарентен. 17 мај 2016

Македонија пат тоне во долгови, вработените често штрајкуваа, машините се дотраани и се расипуваат. Деновиве ова претпријатие граѓаните го имаа на мета и критикуваа токму поради неисчистените патишта кога падна првиот снег. На социјалните мрежи се појавија видеа со потсмешливи коментари за начинот на работа. Многу информации не можат да се најдат на сајтот на претпријатието ама и таму се закачени интересни видеа за кои не се знае кој ги закачил.

Сепак за својата безбедност на возачите им останува внимателно да возат, да не брзаат и имаат зимска опрема, без разлика дали патот е повеќе или помалку исчистен. 

Билјана Николовска

Веста е прочитана 1365 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.