Коцијанчиќ по интервјуто на Иванов за „Билд“: ЕУ не префрла кеш пари на владини банкарски сметки

12 March, 2016 - 16:03

Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанцич за Телма изјави дека Европската унија не префрла кеш пари на владини банкарски сметки, туку преку фондови ги поддржува активностите кои се потребни за справување со мигрантската криза.

Ова е одговорот на прашањето: Колку пари Унијата и дала на Македонија за справување со кризата, откако вчера претседателот Иванов во интервју за германски Билд ја обвини Европската унија дека досега не префрлила ниту еден цент за решавање на овој проблем.

-Поддршката за земјата за активности наменети за гранично управување и миграција досега изнесува речиси 50 милиони евра. Едно нешто е важно-правилата за тоа како ние ги користиме парите на даночните обврзници се многу конкретни.  

Од Кабинетот на Претседателот Иванов велат дека тој говорел за безбедносниот аспект на мигрантската криза.Точно е дека во делот на хуманитарниот аспект помош добивааат организациите кои се активни на македонската граница, но РМ нема увид во средствата кои дирекно им се  префрлаат на нивните сметки. Во однос на безбедносниот аспект нашата држана нема добиено ниту едно евро, изјави Ивица Боцевски.

-Во однос на  безбедносниот аспект на кризата, Република Македонија досега има добиено нула евра, ќе повторам, нула евра има добиено Република Македонија за безбедносниот аспект на кризата. Доколку некој тврди дека Република Македонија добила едно евро, еден цент за бегалската криза, јас го повикувам да излезе јавно, и да каже кога, каде и за кои намени биле префрлени средства од Европската комисија до буџетот на Република Македонија.

По вчерашното интервју на Иванов, не стивнуваат ниту реакциите во германските медиуму, кои пишуваат дека пораките на македонскиот претседател се наменети за домашната јавност.

-Иванов се обиде да ја искористи позицијата на својата држава во бегалската криза за да во интервју за весникот „Билд“ обвини дека неговата земја „отсекогаш била жртва на институциите на ЕУ“. Но сметката која Македонија може да и ја испорача на ЕУ, почнува и завршува на граничната ограда.

Интервјуто во Билд беше оценето и од видни германски експерти и политичари, чиј став е дека поентата на македонскиот претседател е да се девалвира критиката на Европската унија кон владата и кон актуелната ситуација во земјата. Што се однесува до обвинувањата, пак, на Иванов за недостаток од финасиски средства за македонија во справување со бегалскиот бран, експертите во германија велат дека не се оправдани и дека Германија целосно ја поддржува Македонија во решавањето на овој проблем и со пари и со практични знаења.

Анита Стојановска Буховски

Веста е прочитана 10246 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.