Климатски промени во охридскиот регион

10 April, 2015 - 18:58

Климатските промени во Македонија стануваат се поизразени, а најзасегнат е земјоделскиот сектор што може да предизвика далекусежни последици, предупредуваат експертите. Според нив повеќе не е прашање дали се случуваат климатски промени, туку како да се справиме со нив.

-Имаме и потопли периоди и поладни од порано. Се справуваме со поголема вариjaбилност која може да ја видиме од последните случувања и големите поплави.Неколку пати имавме оваа година големи поплави во одредени региони во Македонија, а јас сум речиси сигурен дека ќе имаме и голема суша, тоа е всушност таа поголема варијабилност на климата.- изјави  Ордан Чукалиев  од Факултет за земјоделски науки и храна.

Стручњаците укажуваат дека големите и се почести осцилации на природните водотеци во охридскиот регион ја запреа миграцијата на пастрмката кон реките во сливот на Охридското Езеро, а доколку не се рационализира  нивната употреба во земјоделството,  во иднина можни се и конфликти.

-Нема вода за земјоделските корисници низводно на реката, што може да предизвикаат разни конфликти кои ќе бидат поизразени во догледно време, затоа што ќе се јават периоди кога ќе нема води и тие ќе бидат подолги.- вели Ѓоко Зороски, експерт по екологија.

Според стручните лица неопходна е едукација на земјоделците за адаптирање кон климатските промени, како и формирање на регионални центри за размена на информации во кои ќе бидат вклучени науката и институциите, чија задача ќе биде да изнајдат решенија кои ќе бидат одржливи на подолг рок.

Горан Момировски

 

Веста е прочитана 132 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.