Каталонија доби „суспендирана“ независност

11 October, 2017 - 11:30

„Тајм аут - време истече“, „фарса и уцена“, продолжува хаосот во Каталонија, ова се дел од насловите на денешните весници во Барселона. Каталонците сакаат да ја напуштат Шпанија, но референдумскиот резултатите е неспроведлив на терен. Каталонија засега доби таканаречена „суспендирана“ независност. Официјален Мадрид бара конкретен одговор пред да интервенира, Рахој најави активирање на членот 155 од Уставот и преземање на чекори за укинување на автономијата на Каталонија, но не му постави краен рок на Пуџдемон.

Пуџдемон вчера го потпиша документот за независност, во кој се наведува дека се формира „Република Каталонија како независна, суверена и правна држава“, но само по два часа ја суспендираше примената на декларацијата и повика на дијалог со Мадрид. Вестите од Барселона говорат дека тој е под силен притисок на Брисел.

„Владата и јас предлагаме Парламентот да ги суспендира ефектите од прогласувањето независност, така што во наредните недели ќе започнеме дијалог, без кој не е можно да се постигне соодветно решение. Сметаме дека е ова потребно во овој момент не само заради деескалација на тензиите, туку пред се за признавање на јасната заложба и волја на барањата на народот на Каталонија врз основа на резултатите од референдумот од 1-ви октомври. Резултати што треба да ги земеме во предвид на суштински начин, во новата фаза на дијалогот што ние сме подготвени да го отвориме“, рече пред Парламентот Карлес Пуџдемон, претседател на Каталонија.

Мадрид го отфрла „молчеливото“ објавување на каталонската независност -  „неприфатливо е да се објави таква тивка независност, а потоа да се суспендира на таков експлицитен начин“. Граѓаните кои со денови се на улиците јасни во ставовите дека сакаат да ја напуштат Шпанија сега бараат разумност и отворен дијалог од политичарите.

„Се надевам дека ги користат своите глави, ние велиме разумот, се надевам дека ќе преовлада разумот и дека секој ќе ја разбере, не знам, се надевам дека нема да се вратиме на ова предходното (Франково време), не знам што ќе се случи“, кажа Антониа Рофолс, граѓанка.

„Патот за разговори е отворен, нешто што никој не очекуваше според она што го видовме и она што го кажа претседателот. Мислам дека е отворен патот за напред и дека топката помина од другата страна на теренот на најдобр можен начин“, Даниел Иесте, студент

- Сакаме се да биде јасно во согласност со законите. Следните чекори ќе зависат од одговорот на каталонскиот парламент, напиша Рахој на Твитер по седницата на Владата. 

Декларацијата за независност на Каталонија потпишана вчера од каталонските пратеници засега е симболичен акт. Според најавите, Пуџдемон ќе ја достави декларацијата на усвојување во каталонскиот Парламент, доколку Мадрид одбие дијалог, како што најавуваше досега или ако евенталните преговори не резултираат со договор за надминување на кризата.

Билјана Ставрова

Веста е прочитана 1002 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.