Каков треба да биде бизнисменот - нов вицепремиер за економија

19 May, 2017 - 16:04

Во време додека течат преговорите за нова Влада, а пополнувањето на вицепремиерското место за економија директно од редовите на бизнисот станува се поизвесно, па дури и се лицитира со конкретни имиња, стопанствениците со различни предлози каков треба да биде профилот на таа личност. 

Да не ги повторуваме грешките од минатото, сугерира бизнисменот Зоре Темелковски, да не дозволиме непринципиелно владино-бизнис зближување.

„Не треба да дојде во Кабинетот човек од бизнис олигархијата, бидејќи тогаш ќе имаме судир на интереси. Големиот бизнис е секогаш близок до тендерите и до сите големи бизниси во државата, и затоа му предлагам на идниот премиер тој човек да биде од редовите на малите и средните претпријатија“, вели  Темелковски.

„Ние ја поддржуваме таа идеја, и како стопанска комора секако сме расположени да влеземе во дијалог со другите комори, да видиме кој е најадекватен човек за таа позиција. Тој човек ќе треба да одговори на потребите на бизнис заедницата, а не само да служи како алатка за некого во новата владина коалиција“, вели Битичи.

Темелковски сугерира новиот премиер да го врати курсот на претприемништвото, и да направи ревизија на администрацијата за таа да стане чесна, способна и обучена.

„Ќе мора да разбере новиот премиер дека тој со својата визија и со својата екипа ќе бидат доминантни на својот терен, а на бизнисот да му го остави неговиот терен, тие можат да бидат само партнери, а меѓу нив никако не смее да има блискост. Во изминатиов период претприемачите и бизнис заедницата го губеа времето како да допрат до некој министер или тендер, наместо да освојуваат надворешни пазари. Тоа е лоша пракса“, вели Темелковски.

Бизнисмените не веруваат дека во одредени шпекулации дека новата Влада ќе ја дочека полн буџет, напротив, сметаат тие, големи ќе бидат обврските што таа ќе треба да ги подмири.

„Ние располагаме со одредени информации од нашите членки, но не можеме да претпоставиме што се ќе најде новата Влада во буџетот. Сметам дека средства за тековните обврски има, но нема за подмирување на договорните обврски кон компаниите“, вели Битичи.

„Слушаме една шарена приказна дека има суфицит, тоа е нормално кога приходите доаѓаат на сметката на Финансии, а не се дистрибуираат до крајните потрошувачи“, вели Темелковски.

Стопанствениците препорачуваат промени во политиката кон странските инвеститори, но не во смисла да се укинат државните стимулации за нив, туку како да се унапреди соработката со нашите компании. Тие треба да добиваат еднакви бенефиции со странците, во спротивно ќе се загуши домашната економија. 

Нина Нинеска - Фиданоска

Веста е прочитана 2942 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.