Како работи нашето Собрание?

19 August, 2017 - 15:45

Седницата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски ќе биде дел од извештајот за набљудување на работата на Собранието која ја подготвува граѓанска асоцијација МОСТ. Заклучокот ќе биде дополнително обелоденет, но веќе е извесно дека има многу сличности со конститутивната седница која траеше полни 22 дена.

Извештајот покажува дека одолговлекувањето на конститутивната седница на Собранието се должи на прекршувањата на деловникот од страна на пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ. Биле злоупотребени сите видови обраќања од пратениците - дискусија, реплика, контрареплика и процедурално обраќање. Најчестото прекршување е говорењето по прашања кои не се на дневниот ред.

Претседателот на собранието Талат Џафери во интервју за Телма, вчера изјави дека се надева дека опозицијата за време на одморите ќе го преиспита ваквото свое досегашно однесување. Најави дека ќе ги стави во функција сите деловнички механизми за непречена  работа на Собранието, со оглед на потребата од навремено донесување на најавените закони. Во таа насока е и неговиот одговор на предупредувањата од пратеникот Илија Димовски дека нема да дозволи да биде донесен ниту еден закон.

Талат Џафери на седницата за разрешување на Зврлевски на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ неколку пати им го иклучи микрофонот и повика обезбедување, со образложение дека го пречекоруваат предвиденото време или говорат по прашања кои не се на дневен ред.

Одговорот на Џафери беше дека одговорот е соодветен со оглед на несоодветното однесување на пратениците на опозицијата. Неговите очекувања се дека законите за минимална плата, за стечајците и за употреба на јазиците ќе бидат ставени на дневен ред во првата половина на септември.

Сaња Јовановиќ Дамјановска

Веста е прочитана 1309 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.