Како да се пласира нов дизајн на пазарот ?

18 March, 2017 - 18:27

Тамара Георгиевска завршила индустриски дизајн пред 6 години и денеска е дел од двоецот „ Ринока“, што се занимава со производство на мебел и различно осветлување од челик и масивно дрво. И покрај тоа што нивните производи се продаваат на домашниот и на меѓународниот пазар, преку интернет, Георгиевска не е задоволна од третманот дома.

- Ретки се тие луѓе во нашата држава кои што имаат таква свест, кои што веруваат дека малку поинакви производи од оние кои што сме навикнати секојдневно да ги гледаме, ќе се продаваат и кои што може да ни веруваат дека ќе го реализираме она што сме се договориле, вели Тамара. 

Пробивот на младите дизајнери на пазарот зависи од нивната упорност , смета искустниот хрватски дизајнер, Симон Мораси Пиперчиќ. Тие треба да наоѓаат нови начини за промоција и полесно е најпрвин дизајнот да го пласираат во регионот, а потоа со силно портфолио и производи реализирани во фабрики од регионот, да конкурираат на меѓународниот пазар, вели тој.

- Тоа е некако најсигурна стратегија зашто глобалните брендови , некои поголеми и посилни , секогаш бараат луѓе со искуство. Тие бараат некаква доверба, смета Симон Мораси Пиперчиќ- дизајнер од Хрватска.

Според истражувањата, продажбата на интернет е многу важна за афирмација на новиот дизајн. Човекот за 2 секунди на Фејсбук го забележува дизајнот, а потоа за 18 до 20 секунди пројавува интерес за производот, вели експертот за интернет продажба Ивица Пениќ. Но, според него најважно е да се направи производ за пазарот низ истражување, а не тој да биде само убаво дизајниран, според некоја идеја.

- Тие треба да ја создадат својата идеја, да направат некоја визија за таа идеја, како треба да изгледа. Дали е тоа само прототип или некое добро видео, скица, некој нацрт и тогаш да го пуштат тоа на различни публики, на некоја претпоставена и да следат што ќе се случува следно, вели Ивица Пениќ- експерт за интернет продажба.

Правилната изработка на дизајниран производ, неговата разновидност и адекватната презентација пред заинтересираните продавачи или произведувачи , се аспекти од методологијата за продажба на дизајнот, за кои исто така стана збор на денешното предавање.

 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 2299 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.