Јункер – ЕУ ќе се проширува по 2019

13 September, 2017 - 17:21

Ниту една земја нема да стане нова членка на Европската Унија до крајот на мандатот на овој состав на Европската Комисија до 2019 година, соопшти нејзинот претседател Жан Клод Јункер во годишното обраќање пред Европскиот парламент. Тој им вети веродостојна европска перспектива на земјите од Западен Балкан, но пред да влезат во Унијата ќе мора да ги исполнат стандардите за правна држава и да бидат почитувани европски вредности.

Јасно е дека нема да има натамошно проширување за време на мандатот на оваа Комисија и овој Парламент. Ниту еден од кандидатите не е подготвен сега. Но потоа, Европската Унија ќе биде поголема од сегашниот број од 27 членки. Кандидатите за членство мораат да му дадат најголем приоритет на владеењето на правото, судството и основните права, истакна Жан Клод Јункер, претседател на Европска Комисија.

Jункер засега го исклучува влегувањето на Турција во Унијата и рече дека таа веќе се оддалечува со џиновски чекори. Тој ја повика и турската влада да престане да ги навредува европските држави и нивните лидери нарекувајќи ги фашисти и нацисти. Но затоа побара сите земји членки да влезат во еврозоната. Во моментов само 19 од 28 земји се дел од заедничката валута. Јункер побара и проширување на Шенген зоната со Бугарија и Романија, а потоа и со Хрватска откако ќе ги исполни сите услови. Ова се само дел од неговите предлози во периодот што следува кој Јункер го оцени како нова перспектива за Европската Унија.

Сега имаме прозорец на можности, но тој нема да остане отворен засекогаш. Ајде да го искористиме овој момент: да го фатиме ветрот во нашите едра, кажа Жан Клод Јункер, претседател на Европска Комисија.

Јункер во своето годишно обраѓање пред европарламентарците оцени дека Европската Унија последните години си ја вратила вербата во себе и дека Европа станува се пообединета додека јакне економскиот момент и покрај Брегзитот.

Сања Васиќ

Веста е прочитана 1168 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.