Јанева: СЈО гони криминална група во врвот на власта, судот мора да го сфати тоа

15 February, 2017 - 16:54

Специјалната обвинителка Катица Јанева се пожали дека не се задоволни како нивните барања за претреси и притвори постојано се одбиваат и секогаш паѓаат кај исти судии без разлика која смена се  и кога дежураат тие судии.

-Не сме задоволни од постапувањето на судот по нашите предмети. Кога ги поднесуваме барањата за претрес или притвор, секој пат одредено лице, одреден судија одлучува по нашите барања. На овој начин, судијата може да ја злоупотреби службената должност и овластување кога се работи за висока корупција која ја истражува СЈО од страна на високи функционери од власта, истакна специјалната обвинителка Катица Јанева на трибина во Скопје.

Таа смета дека судот и судиите треба да сфатат која е улогата на СЈО, кое не гони за обичен криминал туку оној на функционери.

-СЈО не гони обичен криминал, СЈО ја гони криминалната група која се наоѓа во врвот на власта во Македонија и тоа мора да се сфати од страна на судот кој претставува трета власт која треба совесно, чесно, професионално да си ја извршува својата службена должност во случаите на СЈО, а тоа не е така, вели Јанева.

По истата трибина холандскиот амбасадор Пломп истакна дека и наредната реформска влада, покрај реформите мора да го подржи специјалното обвинителство „кое извршува многу битна функција, а истото треба да го сторат и сите државни органи“.

СЈО досега неколкупати се жалеше на опструкциите во судот, последниот пат кога кривичниот суд ги отфрли сите нивни барања за претрес на актуелни и поранешни функционери. Ги наведоа имињата на судиите кои одлучувале за тие барања, но од судот Скопје 1 возвратија дека СЈО прави обид за линч врз судиите со списокот и дека секогаш одлучуваат законски и врз основа на барањата на обвинителство.

ВМРО-ДПМНЕ пак постојано го критикува СЈО за селективност и го обвинија тимот на Јанева дека е филијала на СДСМ.

Миомир  Серафиновиќ  

Веста е прочитана 10084 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.