Јан Гел: Скопје 2014 ќе се менува со текот на времето

1 March, 2017 - 19:05

Загрижен сум што Скопје не е една целина, туку има различни архитектонски стилови вели данскиот архитект-урбанист и планер Јан Гел. Според него, нашиот град е мешавина од пријатни места , но и високи градби кои се направени за да ги импресионираат луѓето повеќе, отколку тие да се чувствуваат добро во нив. А, проектот Скопје 2014 со текот на времето ќе се измени, смета Гел.

-Сме виделе во повеќе градови, со многу генерации, како зградите го менуваат изгледот, се преградуваат, се поправаат. Особено ако квалитетот на рачната изработка не е многу добар, ќе мора да се поправаат повеќето фасади, за кратко време.Но, интересно е како многу згради низ светот го менуваат начинот на употреба, начинот на изглед. Но зградите остануваат, навлекувајќи други наметки. Тоа е возможно. Сме виделе многу такви примери.

Половина век Јан Гел се занимава со планирање на урбаните пејсажи низ светот. Работел на плановите за Копенхаген, Сиднеј, Мелбурн, Лондон, Њујорк , Москва, Аман и други светски метрополи. Неговиот пристап кон јавните простори, изразен низ филозофијата на градови за луѓе, која го напушта старомодниот модел на живеалишта, проектирани како технократски или технолошки вежби, тој го претстави на денешното предавање.

-Мојата работа е насочена кон внимателно проучување  како луѓето ги користат градовите и како вие може да направите подобри градови што ќе им се допаѓаат на луѓето. Со подобри можности за луѓето од сите генерации, за да ги користат градовите за шетање, возење велосипеди и да уживаат во нов. Да се среќаваат без да бидат гонети од моторните возила или да немаат простор за средби, или што и да е. Тоа е хуманистичко планирање на градот. Враќање на грижата за луѓето при планирањето на градот.

Јан Гел дојде во Скопје на покана на Комората на овластени архитекти и инжинери на Македонија. Таа ќе објави две негови книги, од кои едната е „Градови за луѓе“.  Архитектот се надева дека по 10 години кога ќе дојде во Скопје, добрите искуства од книгата ќе го пречекаат на нашите улици.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 3187 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.