Изложба која го зближува поделениот народ кај нас

13 April, 2017 - 15:33

 

Од Глигор Чемерски до Вук Митевски. Ова е генерацискиот распон од 24 уметници од средната и помладата генерација, кои со 28 дела се застапени на изложбата „ Религија и современа уметност. Отворена е по повод 15 Април , Светскиот ден на уметноста и престојните Велигденски празници, со цел зближување на поделениот народ во земјава , велат организаторите.

„Идејата за изложбата е да не биде религиозна. Туку изложбата да биде рефлексија на тоа што значи влијание на религијата врз современиот човек, за да таа рефлексија го извлече она најдоброто во човекот, она вредното“, изјави Климе Коробар, Асоцијација за култура ИКОН.

„Живееме во едно општество кое што доста е поделено. По етничка основа, по верска основа, а не е тајна и по партиска основа. За жал се повеќе и по социјална основа. И тука уште повеќе ја гледам улогата и значењето на уметноста, бидејќи таа не признава...уметноста ги брише тие поделби, ги брише тие граници. И мислам дека како никогаш до сега, ни е потребна таа уметност, за да не зближи се повеќе“, изјави Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар

Дела во техниките масло и акрил на платно, комбинирана техника и дигитални принтови, доминираат на оваа изложба со сакрални мотиви.

„На уметноста веќе не се гледа, барем во христијанската уметност како на создавање на нешто што само би предизвикало естетски ефект. Туку пред се има богослужбен, дидактички карактер и тоа е мотивот што секако има импликации подоцна и на општествено – политичкиот и на личен план, “ вели отец Атанасиј Арсоски

Според Климе Коробар, идејата е изложбата во иднина да се прошири со странски и домашни автори од различна верска припадност, со цел создавање дијалог меѓу културите и религиите. А, оваа постановка на „ Религија и современа уметност“ за јавноста во Мала станица ќе биде отворена до 24 Април.

 

Веста е прочитана 1256 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.