Излегува ли Алијанса за Албанците од Владата?

19 October, 2017 - 17:11

Излегува ли Алијанса за Албанците од владата?Телма дознава дека Зијадин Села има сериозна намера да го стори тоа. Се чека резултатот од вториот круг на изборите, по што ќе биде донесена и дефинитивна одлука. Од неговата партија демантираат, велејќи дека ова е измислица на ДУИ.

Деновиве и двете партии си праќаат остри пораки. Првин Села ги обвини ДУИ за изборни манипулации во Струга и јавно го постави прашањето за реформските заложби на владата. Откако вчера ја официјализираше  коалицијата со БЕСА за вториот изборен круг, стигна порака и од Бујар Османи  дека ќе ја преиспитаат владината коалиција.

Од Алијансата веднаш му вратија дека, за среќа тој не одлучува за тоа и дека во владата нема место за тие кои биле дел од криминализираниот систем. Денеска, пак, ставот на ДУИ е сосема различен од вчерашниот.

Социјалдемократите се држат настрана од овие препукувања. Само кусо ни одговорија дека тие немаат намера да ја раскинат коалицијата.

Доколку Села ја напушти владата, мнозинството во Собранието ќе биде кревко. И да се приклучи кон ДУИ нивниот поранешен пратеник, Весел Мемеди, коалицијата ќе остане со 60 пратеници. Веројатно ќе сметаат на поддршката на Чедомир Саздовски, кој излезе од ГРОМ и стана независен пратеник, но повторно секогаш ќе бидат на границата. СДСМ има 49 пратеници, ДУИ 10, а Алијанса остана со двајца.  

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 10672 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.