Изгласан Ребалансот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа

6 August, 2017 - 17:37

Владата од утре може да располага со буџетските пари според нејзините нови политики. Собранието доцна попладнево го изгласа Ребалансот на буџетот, со 61 глас за и 2 против.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на гласањето, во знак на протест, како што рекоа, на кратењето на капиталните инвестиции, и неприфаќањето од власта на ниту еден од нивните амандмани. Тие пред напуштањето на салата ги поставија транспаренти пред собраниската говорница.

На гласањето му претходеа 10 дена комисиска и пет дена пленарна расправа, на која владејачкото мнозинство и опозициските пратеници жестоко ги претставија своите аргументи. ВМРО-ДПМНЕ најмногу критикуваше за кратењето на капиталните инвестиции, поради што, тврдат тие, овој буџет е неразвоен, нереформски, и нема да донесе подобрување на животниот стандард на граѓаните. Опозицијата тврдеше дека се крателе и срeдства кај образованието, здравството, туризмот, слободните зони, градежништвото, научната дејност.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, пак во своите завршни зборови, одговори дека капиталните инвестиции не се скратени, туку се само реално поставени, а намалувања имало кај оние проекти кои и онака не можеле да се реализираат. Тој тврди дека со ребалансот, тие ќе бидат на највисоко ниво досега. На пратениците им се заблагодари за достоинствената дебата, без навреди и омаловажувања.

Со ребалансот се кратени околу 47 милиони евра, кои според власта се непродуктивни трошења, за лускузирање и комодитет на претходните функционери, а за сметка на тоа ќе се зголеми минималната плата како и подршката за земјоделсците и стечајците.

Нина Нинеска-Фиданоска 

Веста е прочитана 3598 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.