Избегнувајте ја Илинденска, навивачите на Манчестер кај Зоолошка, мадридистите под Кале

8 August, 2017 - 14:14

Пусти улици околу градскиот парк, посебен сообраќаен режим, многу полиција, вака изгледаше Скопје на денот на одигрувањето на Супер купот. Во 5 и 45, три сата пред да тргнат фудбалерите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид на тревата на Телеком арена, стадионот ќе ги отвори портите за навивачите. Веќе од тој период ќе важи сообраќајниот режим за натпреварот.

Препораките се: меѓу 17 часот и завршувањето на Супер купот некаде околу 23 часот избегнувајте ја Илинденска од владата до Зоолошка и тој дел на центарот. Нема да биде дозволен редовен сообраќај, ќе се запира согласно потребите или пак ќе биде во целосен прекин. По тој пат ќе се движат автобусите со фудбалерите на двата тима, од Карпош кон Центар, но и сите останатите високи и официјални гости на Купот.

До арената, освен службените,  ќе може да стигнат возила само со официјални акредитации и дозволи на УЕФА. Строгиот ред уште попладне го регулираа многубројни полицајци на трасата на Супер купот. Ова е мапа на центарот на Скопје со планираните мерки на полицијата.

Од утрово веќе стигаат голем број на навивачи и преку граничните премини. Најмногу доаѓаат преку Деве Баир, бугарски фанови, но и навивачи на Реал и на Јунајтед кои преку Софија поради поефтините цени одлучија да дојдат на Супер купот. Најмногу доаѓаат со изнајмени автобуси и со рент-а-кар.

Полицијата ги пречекува уште на граничниот премин и ги носи на одбележаните паркинзи за двата  тима. Автобусите со навивачи на Манчестер се паркираат на Рузвелтова односно кај Зоолошка. Фановите на Реал Мадрид се истовараат под Кале. Оттаму навивачите ќе бидат спроведени кон стадионот.

Освен знамиња на двата клуба, полицијата нема да допушта влез на навивачи со било какви други национални, државни или клубски обележја. За полесен влез на стадионот се препорачува да не се носат многу технички апарати, а задолжително да се носи и личен документ.

Полиција има на секој чекор. Над 2 илјади полицајци се грижат за мирен и безбеден Супер куп. Интерпол има доставено листа од 60 насилни, агресивни и екстремни навивачи кои не смеат да влезат во државата за да не предизвикаат инциденти.

Миомир Серафиновиќ  

Веста е прочитана 6406 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.