Иво Светина: Писателите треба да се борат за слободата на јазикот и културата

11 November, 2017 - 17:13

Писателите треба секогаш да се борат за слободата на јазикот и на културата и затоа ја подржавме борбата на Каталонија за независност , уште пред одржаниот референдум, вели претседателот на Друштвото на писатели на Словенија, Иво Светина. А, откако ситуацијата се искомплицирала , со приведувања и бегство на Пучдемон во Брисел, Друштвото  испратило проглас за подршка на каталонската борба за самоопределување, на повеќе европски адреси, објаснува Светина. Во прогласот стоело дека човековите права се над било кој Устав, потенцира претседателот на ДПС. 

„Човековите права и правото на самоопределување, се всушност над некој Устав. Уставот не е над правата кои всушност се права на народот, кој има свој јазик и култура. Праќавме на сите можни адреси . Дури два члена на нашиот словенечки Парламент, го подржаа тоа. (р). Се разбира, ситуацијата не е потполно идентична со осамостојувањето на Словенија , кога таа стана самостојна држава. Но, како и да е, јас велам вака: Тоа што најмногу ме иритира и ме плаши, е што Шпанците заборавиле дека живееле 40 години под фашистичка диктатура. Прогласот му го испративме и на Жан Клод Јункер. Не знам каква ќе биде реакцијата, но јас мислам дека ние писателите треба секогаш и повторно да се бориме за слободата на јазикот и на културата“, вели Светина.

Светина е загрижен за иднината на книгата. Словенија како и Македонија е мал пазар ,а интересот за купување и читање книги опаѓа, наспроти објавувањето домашни автори и големата продукција на преводна литература, вели тој.

„Дигиталниот свет, што е некој паралелен, виртуелен свет, е интересен за децата и младите. Тие се читаат на паметните телефони. Тоа што им треба, го наоѓаат таму. Но јас мислам дека со тоа треба да се почне во училиштата. И едноставно, да не се земе едното или другото, туку двете нешта“, заклучува Светина.

Иво Светина е поет, драматичар и преведувач, а како претседател на ДПС  престојуваше во Скопје, во рамките на „ Деновите на словенечка книжевност “ што се одржаа во НУБ „ Свети Климент Охридски“. Според него, во денешниот глобален свет, вредностите бргу се губат, а конзумеризмот и медиумите ги кратат културата и уметноста.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 491 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.