Италијанскиот синдикат отвори канцеларија во Македонска Каменица

12 August, 2017 - 18:04

Италијанскиот синдикат за земјоделство ќе отвара канцеларија во Македонска Каменица, за да им ги олесни административните постапки на сеозонските работници кои напролет и наесен работат на плантажите со грозје и јаболка во оваа земја. Претставникот на синдикатот од италијанската област Пијамонте, Цицијано Проџи на четвртата манифестација на Денот на иселениците во манастирско туристичкиот комплекс Еленец  вели дека имаат 200.000 членови, од кои и над  1.000 Македонци.

Ова е и добра вест за македонските сеознски работници кои веќе се подготвуваат за бербата на грозјето и јаболката во септември и октомври. Превозникот Станко Цонев вели дека од источниот дел на Македонија од 3.000 до 5.000 сезонски работници заминуваат да работат во Италија, во текот на созноите за кроење и берење на грозјето и јаболката. 

Семејството Захариевски веќе 15 години живее во Италија. Заминале бидејќи останале без работа и егзистенција и тие како и останатите иселеници сметаат дека  треба да се подобри животниот стандард во земјава, со цел младите да не заминуваат од своите градови и села.

Околу 3.000 иселеници од источниот регион се собраа во комплексот Еленец на Осоговските планини. Локалната власт на овие средби сака да го слушне мислењето на иселениците, со цел да се вратат во своите родни места. Засега само постарите генерации најавуваат дека ќе се вратат, додека помладите кои поминуваат низ образовниот систем сметаат дека ќе останат да живеат во Италија. 

Веста е прочитана 2282 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.