Истражување - Уредници му служат на сопственикот, а не на јавноста!

23 February, 2016 - 15:16

Mногумина уредници и новинари на прашањето кому му служат, велат на газдата на медиумот, а не на јавноста. Тоа е  брутален одговор, рече Горан Михајловски, доскорешен главен уредник на весникот Вест, според кого, такви резони не се дозволени ниту во локална продавничка.

-Па дури и во гранапче имате одговорност кон јавноста, на муштериите не може да им продадете фалшива стока, зашто ќе ја затруете, а токму труење на јавноста се случува од медиумите, нагласи Михајловски.

Има само голо преживување во новинарството кое не се разбира како професија, туку како алатка на политиката или бизнисот, медиумите стануваат безвредни бидејќи не ги даваат релевантните информации, рече тој давајќи примери кога сопствениците на весници забранувале да се објави на пример вест за штрајк на лекари или вест дека нема квалитетен инсулин. Тоа не само што е спротивно на интересот на јавноста да биде информирана, туку е и надвор од економска логика зашто се губат читатели или гледачи, нагласува Михајловски и потсетува дека сопствениците одат на варијантата на владини реклами кои пак, се злоупотреба на парите на граѓаните.

Слично законодавство и сличен медиумски простор има Чешка каде долги години работи Зоран Ќука како новинар. Но, разликите се драстични. Таму, на ниту еден електронски медиум меѓу главните вести не била посетата на британскиот премиер Дејвид Камерон, бидејќи била протоколарна. Јавниот сервис на Чешка е пример за професионаолно новинарство.

-Ако сакате да слушнете професионаонално направени вести, што значи објективни и балансирани, тогаш такви вести на се на јавниот сервис. Приватните медиуми имаат многу малку информативни емисии.

Моќта на медиумите се гледа и по примерот кога биле објавени прислушувани разговори на поранешниот чешки премиер со жена од кабинетот, но негова љубовница. Сите медиуми ги пренеле транскриптите, за седум дена тој поднел оставка, а обвинителката сметала дека разговорите требало да бидат објавени.

Медиумите треба да бидат чуварите на јавниот интерес, тие се од особена важност за демократијата, оттаму и за изборите, забележа британскиот амбасадор Чарлс Гарет кој својот одговор го стави во актуелен контескст.

- Ова прашање, всушност, е во центарот на политичката криза во Македонија. Прашањето околу критичката анализа, транспарентноста и довербата се од централно значење за причините на кризата. Исто така ќе бидат и од суштинско значење за некое одржливо решение на кризата, рече Гарет.
 
Британија финансиски го поддржа проектот на Институтот за кому7никациски студии насловен како Изразување на јавниот интерес. Во истражувањето за дел од најгледаните национални телевизии е наведено дека известуваат еднострани и дека ги кршат новинарските стандарди.
Панта Џамбазоски

Веста е прочитана 392 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.