Институт за европски политики:Да не се занемаруваат најавите за можни санкции од Европската Унија

24 April, 2016 - 15:54

Да не се занемаруваат најавите за можни санкции од Европската Унија, по општата аболиција од претседателот Иванов, бидејќи иако до сега нема таков преседан со земја кандидат, Брисел има инструменти да преземе конкретни мерки – оценуваат од Институтот за европски политики.  Оценуваат дека Брисел е практично потписник на Договорот од Пржино и нема немо да го посматра рушењето на еден од неговите столбови – работата на Специјалното јавно обвинителство.  

„Најавата за санкции е реална. Она што сметаме ние е дека во во овој момент се разгледува како да се спроведе таа селектирана употреба на тие најавени санкции кон оние за кои се смета дека го прекршија договорот од  Пржино, изјави Александар Јовановски, проект- координатор во ЕПИ. 

Не стануваше воопшто збор за никакви санкции пред Договорот од Пржино. Пресвртот се случи поради грубото прекршување на речиси сите одредби и вече имаме официјална изјава на ЕК дека овие избори без учество на сите актери нема да бидат меѓународно признени.

Препораките на ЕПИ се сепак, сите евентуални мерки на Брисел да бидат насочени кон поединци кои придонесуваат за влошување на кризата,  а не кон граѓаните и земјата во целост, бидејќи само така може да се поттикнат прореформските сили во земјава.  Визната либерализација, велат не е во опасност.

Реално е и може да се очекува одземање на препораката за преговори. Но сметаме дека тоа е казнување на целата земја. И затоа бараме тие санкции да бидат спроведени кон лицата кои го прекршија Договорот од Пржино, а се знае кој придонесе да ескалира оваа политичка криза и затоа е неопходно итно повлекување на аболицијата од страна на претседателот Иванов и промена на датумот за избори“.  

Плановите на Европската Комисија за можни санкции кон поединци, преку забрана за влез во Унијата , замрзнување на сметки и имоти беа лиферувани и преку неколку реномирани европски медиуми, непосредно откако пропадна обидот во петокот во Виена да се организира лидерска средба поради аболицијата од Иванов и нецелосно исполнетите предуслови за избори на 5 јуни. И Брисел и Вашингтон го повикаа Иванов да ја повлече аболицијата, да не се попречува работата на СЈо и да се овозможат услови за кредибилни избори. Но засега Иванов одговара дека разгледува само опции за поништување на аболицијата за оние што лично побараа, но не и за сите 56 одлуки. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак ги засилува критиките кон СЈО, со оцени дека работи пристрасно и во функција на опозициската СДСМ.  

Боби Христов

Веста е прочитана 502 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.