Инспекции ја тресат општина Тетово

17 February, 2017 - 15:57

Зачестените контроли врз работата на Општина Тетово кои ги спроведуваат државните институции, ги оценуваме како политички притисок, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи. Таа додаде дека изминативе 4 години институции кои се под државна капа, не покажале никаков интерес за предмети каде има индиции за сериозен криминал, а сега наеднаш последниве неколку недели, државните инспектори ги интересира дали локалната самоуправа работи во рамки на законот. 

Арифи смета дека институциите се користат од поединци, со цел да внесат страв кај првите луѓе на општината, во пресрет на формирањето на новата влада.

Изминативе неколку дена, Основното јавно обвинителство со асистенција на полицијата, изврши контрола на 74 угостителски локали во Тетово, кај кои се проверувало дали Општината издала дозвола за летна тераса во рамки на законот. 

Трудовиот државен инспекторат пред две недели, изврши инспекциска контрола во сите канцеларии на општина Тетово. Инспекторите проверуваа дали се почитува законот за забрана за пушење. Од Општина Тетово, изјавија дека инспекторите дошле ненајавено и истакнале дека тоа се редовни контроли, иако во записникот напишале дека извршиле вонредни контроли. 

Освен во Тетово вакви контроли имаше и во Општините Чаир и Гостивар, со кои раководат кадри на ДУИ, кои се против владината коалиција со ВМРО ДПМНЕ. 

 

Зоран Димовски

Веста е прочитана 1510 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.