Имиџот на ССМ се влошува, опасност за тужба од МОТ

10 January, 2017 - 18:25

Случувањата во ССМ го уриваат и онака разнишаниот имиџ на најголемата синдикална организација во Македонија. Но, мешањето на прстите на државата во синдикалната борба може да предизвика и проблеми од правен карактер. Милан Живковиќ, поранешен портпарол на ССМ, а сега претставник на фондацијата Фридрих Еберт предупредува дека тоа што Министерството за труд и Централниот регистар си дозволија да ги толкуваат одлуките на телата на ССМ претставува директно кршење на Конвенцијата 87 на Меѓународната организација на трудот.

„Државните органи треба да се воздржат од какво било влијание што ќе го ограничи правото да избираат свои претставници во целосна слобода или ќе го попречува неговото применување во практика. Можеби ќе имаме проблеми со МОТ, а тоа само по себе значи тужба до одредени органи, тужба до самата држава и тоа исто така нема да влијае добро на угледот на државата“, вели Живковиќ. 

Живковиќ потсетува дека во 2010 година Живко Митревски ја презеде синдикалната фотелја од Ванчо Муратовски на сличен начин како што во ноември беше изведен обидот за негова смена од претседателската функција во ССМ од страна на четирите синдикати.

„Тогашната смена беше ратификувана односно потврдена од МТСП што сепак мора да појасниме дека согласно Законот за работни односи, а и конвенциите на Меѓународната организација на трудот, МТСП треба само да го констатираат изборот односно слободата на изразување на самите синдикати, на претставниците на работниците. Истото важи и за работодавачите“, додава тој. 

Од четирите синдикати денеска преку соопштение најавија дека ќе побараат од министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими да им објасни врз основа на кои документи го преиначил решението на неговата претходничка Фросина Ременски. Имено, Ременски потврди дека Дарко Димовски е в.д. претседател на ССМ, но пред неколку дена Ибрахими ја смени оваа одлука и го прогласи Митревски за единствен легитимен претседател на ССМ. 

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 1606 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.