Хрватска го измени контроверзниот правилник за инспекциска контрола

10 August, 2017 - 15:03

Хрватскиот министер за земјоделство Томислав Толушиќ денеска донесе одлука за измена на Правилникот за фитосанитарна контрола на овошјето и зеленчукокт увезени од држави што не се членки на ЕУ, со кој цените на инспекциите беа зголемени за над 22 пати. 

Ваквата одлука на Толушиќ уследи по жестоките реакции на земјите од западен Балкан, вклучително и Македонија, кои директно беа погодени со ваката одлука на Хрватска донесена на 15 јули.

Со правилникот се предвидуваше цената за инсепкцискиот надзор да изнесува по 2.000 куни (270 евра) за секој вид на зеленчук или овошје, што во пракса значеше дека еден камион кој во Хрватска внесува пет различни видови на земјоделски производи ќе мораше за инспекцијата да плати 10.000 куни (1.350 евра).

Министрите за земјоделство на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора на средба во понеделникот во Сараево побараа Загреб под итно да го повлече правилникот. Четирите земји побараа Хрватска да ги прилагоди своите цени за инспекциска контрола со просечната цена во земјите членки на ЕУ и апелираа до Унијата да се вклучи во надминувањето на спорот. Тие најавија и дека ако Загреб не ја повлече одлуката за зголемување на цените на инспекциите, ќе преземат реципрочни мерки кон Хрватска.

Со денешната одлука на Толушиќ за измена на Правилникот, цените за инспекцискиот надзор повторно се враќаат на 90 куни (12 евра).

- Министерството за земјоделство го измени Правилникот за инспекциски надзор на овошје и зеленчук. Измената се однесува на надоместот за контрола на ускладеноста на производите со пазарните стандарди и изнесува 90 куни за секој поединечен вид овошје и зеленчук во рамки на контролите што ги спроведуваат земјоделските и фитосанитарните инспекции. Правилникот ќе биде објавен в петок, на 11 август 2017 година, стои во официјалното соопштение од хрватското Министерство за земјоделство објавено денеска.

Со соседните земји е договорено од утре да нема трговски блокади на границите, а во натамошната соработка ќе се анализираат цените на инспекциските надзори во регионот за да се осигура заштитата на потрошувачите и конкурентноста на производителите на начин кој нема да влијае врз трговската размена.

- Наскоро очекуваме состанок за користењето агрохемиски средства кои не се дозволени во ЕУ, за што поскоро прилагодување на земјоделците од регионот кон правилата на Унијата, се наведува во соопштението.

Заштитата на потрошувачите и натаму останува врвен приоритет на хрватското Министерство за земјоделство, поради што, најавува, и дека инспекциските контроли ќе се спроведуваат со ист интензитет.

- Секоја пратка на овошје и зеленчук во Хрватска мора и натаму да биде во согласност со оптштите пазарни стандарди – неоштетна, здрава, чиста, непрезреана и правилно означена, додека производите мора да издржат транспорт и ракување за на одредиштето да стигнат во задоволителна состојба: без штетници, несоодветен мирис или влажност, наведува Министертсвото. 

Одлуката на Толушиќ следи само два дена откако хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека вака пропишаните цени се превисоки и дека ќе бара од министерот за земјоделство да го реши овој проблем во најкус можен рок.

Хрватските медиуми оценуваат дека засега е нејасно дали Толушиќ ќе сноси последици за својата одлука за воведување на новите цени на инспекциските контроли, поради кои Хрватска беше доведена на работ на трговска војна со земјите од регионот на западен Балкан.

Веста е прочитана 910 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.