Хан: За националните цели потребна е поддршка од сите клучни играчи

21 November, 2017 - 12:25

Еврокомесарот за проширување и добрососедство Јоханес Хан денеска во Скопје истакна дека една од главните цели на неговата посета е да го потенцира континураниот интерес на Брисел за случувањата во земјава, но и да добие уверување дека и власта и опозицијата се целосно посветени на евроинтегративниот процес и на се што е потребно да се сработи во таа насока.

Хан одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа зошто побарал средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но не и со лидерите на БЕСА и ДПА, рече дека ЕУ инвестирала многу во Македонија, менаџирала многу ситуации и оти следниот чекор е целосен фокус на итните реформски процеси. 

„Потребно е да се усвојат сите закони во сферите на правосудството, разузнавањето и јавната администрација, што е клучно за да се добие позитивна препорака од ЕУ. Се надеваме дека тоа ќе се случи некаде во февруари, со надеж дека преговорите ќе почнат следната година. Тоа е нашата цел и за тоа се сретнав и со опозицијата за да посочам дека кога станува збор за националните цели, а европската перспектива е таква цел, поддршка е потребна од сите клучни играчи, без разлика дали се во Владата или опозицијата“, рече Хан.

Целта не неговата посета меѓу другото била да добие уверувања и гаранции од сите клучни играчи дека се посветени на европските перспективи. За тоа, како што рече, бил уверен од Груевски, на вчерашната средба, кога му било посочено дека ВМРО-ДПМНЕ е посветена на европската перспектива и оти партијата ќе игра конструктивна улога во таа насока.

Хан напомена оти ЕУ забележува дека во земјава постои подобрување во однос на владеењето на правото, за што доказ се и оценките на ОБСЕ-ОДИХР за локалните избори. 

На прашањето дали политичките партии на средбата во куќата на Жан Моне во Париз ќе разговараат за спорот со Грција околу уставното име и дали смета дека Македонија треба да направи отстапки, Хан рече дека македонските политичари се должни пред граѓаните да најдат решение, да изнајдат компромис. 

„Ова е прашање за кое не сакам да коментирам, се уште е рано, но позитивно е што се спроведуваат мерки за градење доверба, има контакти меѓу релевантните претставници“, рече Хан и уште еднаш изрази задоволство од спогодбата меѓу Македонина и Бугарија, за која рече дека очекува оти Парламентот ќе ја ратификува до крајот на годината. 

Веста е прочитана 247 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.