Хан на седница на Владата

25 June, 2017 - 15:37

Итните реформски приоритети за евро-атлантските интеграции се единствената тема на утрешна седница на Владата, на која ќе присуствува и евро-комесарот Јоханес Хан. Пред седницата, премиерот Зоран Заев ќе има 15-минутна тет-а-тет средба со Хан, на која подоцна ќе се придружат и министрите Радмила Шеќеринска, Бујар Османи и Никола Димитров. Пред комесарот ќе биде презентиран Акцискиот план на Владата со приоритетните мерки и активности за наредниот период, а заклучоците ќе ги презентираат Заев и Хан на заедничка прес конференција.

Утрешната посета на Хан претставува симболична поддршка за нашето  враќање на европската агенда, велат од Институтот за европска политика. Владата најавува дејствување во куси рокови, но, до локалните избори тешко може да се спроведат системски реформи. Симонида Кацарска очекува концентрирање на темите контрола врз следењето на комуникациите, професионализација на судиската функција и непристрасно судство.

Во областа медиуми, промените се почувствуваа веднаш со промената на власта и стопирањето на владините реклами.

„Новата Влада, заедно со опозицијата, треба да се фокусира на спроведувањето на итните реформски приоритети и на целосно спроведување на Договорот од Пржино, со цел да се врати земјата на патот кон интеграцијата во ЕУ. Реформите мора да се направат за да се подобрат животите на луѓето, да се работи за стабилност, просперитет и правда“, порачува Хан пред доаѓањето во Скопје.

Соња Николовска

Веста е прочитана 2348 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.