Груевски бил прислушуван, МВР тврди дека комуникациите се следат само според закон

22 October, 2017 - 16:29

Министерството за внатрешни работи потврдува дека се следат комуникации, но само според процедурите и законите, отфрлајќи ги тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во синоќешното телевизиско интервју на ТВ АЛФА, дека тој и неговите партиски соработници се следени и прислушкувани.

„Тоа што го прави МВР е легално и со наредба од суд преку Јавното обвинителство, а токму обвинителството е тоа што ги води истрагите. Нелегалното масовно прислушкување, главната одлика на владеењето на Никола Груевски е предмет на истрага на СЈО. УБК и БЈБ постапуваат согласно своите надлежности и нивните активности во форма на оперативни акции и обработки во борбата против организираниот криминал, тероризмот, насилниот екстремизам и другите облици на противзаконско однесување се од доверлива природа и не се коментираат јавно“, велат од МВР.

Во фиоките на тајната полиција со која до пред една година управуваше ВМРО-ДПМНЕ,  Груевски и партиските челници биле документирани во досие под име „Македонски екстремизам и тероризам“, а крајната цел на полицијата била уништување на партијата ВМРО-ДПМНЕ, ќе каже Груевски.

Прашан и за последиците од тепачките на 27 април во Собранието, Груевски пред јавноста се понуди да одлежи, како што вели и доживотен затвор само да не се гонат граѓаните кои според него без наредба, туку револтирано и емотоивно, го направиле тоа што го направиле, одбегнувајќи го зборот насилство. За поразителните резултатите од првиот круг, Груевски ќе ја обвини владата и институциите за притисоци, и нерегуларности, странските набљудувачи за премолчување, а самиот себе и партијата за лошата стратегија.

На тврдењата на Груевски за кампањата и првиот кгруг гласање, премирот Зоран Заев ќе се спротистави со став дека до сега Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не понудиле ниту еден доказ за нерегуларности, повикувајќи се и на позитивните извештаи и оценки на меѓународната заедница за водењето на изборниот процес.

Освен до надлежните институции во земјава, Груевски, пак, тврди дека за изборниот ден разговарал и со амбасадорите и странските набљудувачи, а тие не превземале ништо. 

Павле Беловски

Веста е прочитана 6416 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.