Грчев: Ќе се работи на санирање на последиците од Скопје 2014

30 July, 2017 - 17:36

Мултидисциплинарен пристап во согледувањето на штетите кои ги предизвика проектот „Скопје 2014“ е клучното решение за справување со сите штети кои ги предизвика во урбанистичкиот план, во уставно правниот поредок и во образовниот систем воопшто, смета професорот Мирослав Грчев. Грчев, е координатор на групата што ја формираше министерот за култура Роберт Алаѓозовски, а која треба да направи анализа за последиците од Скопје 2014-та.

-Првите чекори се воспоставување на цели, да се инвентаризира проектот, да се собере целата документација од сите аспекти, да му се материјализираат и документираат тие аспекти во суми на пари, законски основи, процедури законски итн. Динамика на мерки, итни мерки, среднорочни мерки за справување чистење и санирање на последиците, истакна Грчев. 

ВМРО ДПМНЕ обвинува дека формирањето на групата е партиски реваншизам. Апелира  работната група да биде внимателна во донесувањето решенија за проектот „Скопје 2014“,

-Не може да се очекува ништо повеќе од опасните штетни закани и најави дека спомениците на културата ќе бидат „новата суровина за металуршката индустрија“. Ќе ги минираме ќе ги стопиме ќе ги уништиме ова е наративот кој новоназначените советници на министерот го форсираа гласно и нападно со години наназад  кога станува збор за обележјата кои ја слават македонската историја, изјави Роберт Велјановски од ВМРО ДПМНЕ.

Ваквото размислување е партиски став и целосно извртување на вредностите бидејки самиот проект е чин на вандализам, вели Грчев.

-Нема област која не пртрпела насилство од проектот. Самиот проект ниту има културни вредности ниту има културно-историски, значи тој не е нешто што е во областа на културата. Тоа е проект во областа на уништувањето на културното наследство, нагласи Грчев.

Проектот Скопје 2014-та го почна минатата влада, во 2011-та година. Тогаш никнаа многу споменици, а беа реконстуирани и фасади во центарот на градот. Тогашната опозиција и архитектите, критиуваа дека се случува насилна барокизација на Скопје. Сега, работната група на Министерството за култура ќе испитува дали има штети од проектот Скопје 2014. 

Нина Стефанова

Веста е прочитана 5398 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.