Граѓанскиот сектор на удар на УЈП

20 December, 2016 - 15:20

Граѓанскиот сектор на удар на Управата за јавни приходи. УЈП пред изборите им најави, а деновиве почна да врши контроли за во поголем број невладини организации, кои главно се критички настроени кон политиките на власта. Се бараат податоци за финансискиот работење на организациите, сите уплати и исплати на средства во текот на 2016 година. Ова го сметаме за еден вид политички притисок, со оглед на тоа што поранешниот премиер Груевски експлицитно најави регулирање на граѓанскиот сектор, вели Бојан Маричиќ од МЦЕО, една од организациите која ќе биде предмет на контрола на УЈП.

„Има премногу случајности за да сметаме дека ова е редовна контрола. Не се случила до сега, тоа е една работа, а втора работа доаѓа во исто време кога поранешниот премиер Груевски најави „десоросоизација“ на Македонија, а организациите кои се опфатени со контролата се по некоја случајност организации кои соработуваат или се во партнерски односи подолго време со фондацијата „Отворено општество Македонија“, како и со самата фондација“, вели Бојан Маричиќ, извршен директор на МЦЕО.

 Во Хелсиншкиот комитет за човекови права веќе два дена се присутни инспекторите на УЈП. Од таму велат дека најавата за оваа контрола ја добиле пет дена пред изборите. Не е првпат да сме под притисоци и закани, но ова што се случува во последните две недели е најжесток притисок до сега, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет. 

 „Секогаш тој притисок и таквите закани се присутни пред изборните процеси, но во случајов поради политичката ситуација тоа продолжува и понатаму. Вие знаете дека поранешниот премиер Груевски многу милува да ги применува политиките на познатите диктатори од типот на Орбан и на Путин, особено кога станува збор за граѓанските организации“, изјави Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет Македонија.

 Од УЈП не објавуваат детали. Ги отфрлаат тврдеањата дека инспекциските контроли имаат каква било политичка позадина.

 Управата за јавни приходи согласно своите законски надлежности, а без разлика на политичките текови во државата, редовно врши контрола кај сите даночни обврзници. Во конкретниот случај е постапено по барање од  ноември 2016  година на друго државно  тело, кое има надлежност да покренува иницијатива за контрола на финансиско-материјално работење. 

 Груевски во саботниот проглас кој го објави на протестите пред Државната изборна комисија најави „десоросоизација“ и регулирање на финансирањето на фондациите и невладините организации по, како што рече, теркот на најнапредните демократии во светот“.

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 565 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.