Готови се одлуките за барањата за притвор на СЈО, но апелација ќе ги објави во понеделник

15 July, 2017 - 15:42

Уште рано претпладне претставници на ВМРО-ДПМНЕ се собраа пред Апелациониот суд каде се одлучува по жалбите за одземените пасоши на партиските функционери и по жалбите на СЈО со кои се бара притвор за обвинетите во неколку случаи. Побараа судот да ги врати пасошите и уште еднаш повторија дека СЈО според нив работи против партијата.

-Тие имаат за цел создавање материјал за медиумите на СДС кои треба да го претстават ВМРО-ДПМНЕ во негативно светло кај граѓаните во пресрет на претстојните локални избори. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту една причина за бегство, бидејќи нема сторено ниту едно кривично дело, изјави Орце Ѓорѓиевски.

Апелациониот суд веќе ги донесе и објави првите 6 одлуки, но ниту една за партиски функционери или членови на ВМРО-ДПМНЕ. Нема одлука ниту за жалбите со кои се бара притвор. 

Судот ги отфрлил жалбите на полицајците –алфи обвинети за мачење на Љубе Бошкоски и жалбата на Ивона Талевска, обвинета за даночно затајување со што го потврди одземањето на нејзиниот пасош.

Претседателката на Апелација Љиљана Ивановска Шопова која и денеска беша на работа телефонски ни рече дека е одлучено по сите жалби, и по оние во кои има барања за притвор но во текот на викендот ќе ги завршат и потпишат. Ќе дознаете во понеделник што е одлучено, ни изјави Шопова.

На јавна седница во апелација за жалбите беа екс вице-премиерот Владимир Пешевски, Латас, Небојша Стајковиќ од МВР, Љупчо Георгиевски поранешен директор на државни патишта и одлуките за нив ќе се знаат во понеделник.

Судот објави дека ги отфрла жалбите на 5-мина полицајци алфи, меѓу кои и поранешниот командант на единицата Ивица Анчевски Пуки и им наложи секој петок да се јавуваат во суд, поради можност од бегство.  Од друга страна Апелација ги прифати жалбите на СЈО и за сите полицајци –алфи определи и мерка забрана за контактирање и приближување на лице кое е сведок во постапката. Полицајците се јавувале на колегата кој е сведок и судот смета дека вршеле влијание.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 14685 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.