Голем музичар за големиот христијански празник

7 January, 2017 - 16:40

Македонската филхармонија го одржа традиционалниот Божикен концерт во Македонската опера и балет. Како солист на виолина и диригент настапи Џулијан Рахлин, еден од најславните музичари на денешницата. Како што изјави тој, концертот е Божикна честитка до публиката, со порака за убав почеток на Новата 2017 година.

Голем музичар за големиот христијански празник Божик. Вака накусо може да се опише концертот на виолинистот Џулијан Рахлин со Македонската филхармонија. Неговата виртуозна и технички беспрекорна изведба на програмата, со дела од Чајковски, Штраус, Росини, Глинка, Годовски и Крајслер - омилениот композитор на Рахлин, беше Божикна честитка до присутните, со порака за убав и позитивен почеток на Новата година.

Сакаме  да и пружиме на публиката прекрасен почеток во новата година, се разбира. На сите да им пружиме светлина и позитивна енергија, порака за здравје, многу радост и убавина во 2017. Среќен Божик, гласи честитката на Рахлин.

Џулиан Рахлин е роден Литванец кој живее и работи во Австрија, а настапува низ целиот свет со најпрестижните оркестри и диригенти. Свири на виолина од марката Страдивариус, изработена 1704 година. На Евровизискиот натпревар 1988 година ја освоил наградата „ Млад музичар на годината“ по што започнува неговата меѓународна блескава кариера. Тој бил најмладиот солист што некогаш дебитирал со Виенската филхармонија, под диригентство на Рикардо Мути. Денес предава на Виенскиот Универзитет, свири и виола и диригира. Па, ни Божикниот концерт не беше исклучок, кога станува збор за неговото искуство со диригирањето.

Тоа функционира многу добро зашто музичарите се фантастични. Има композиции каде што не ви е потребен диригент. Треба само да слушате. И ние дишеме заедно, а пулсот доаѓа од музиката, вели Рахлин.

Секоја изведба на Рахлин беше поздравена со аплауз од публиката, која го пополни салонот на МОБ, скоро до последното место.

Екстремно ниските температури и цените на влезниците од 900, 1200 и 1500 денари не беа пречка за љубителите на класичната музика да дојдат и да уживаат во концертот на Македонската филхармонија и виолинист Џулијан Рахлин. А, како и не би дошле кога  Рахлин за прв пат настапи во Скопје, по неговите рецитали, одржани  пред 7 и повеќе години на „ Охридско лето“. 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1967 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.