Голем е интересот за запишување на ФЕИТ

11 August, 2015 - 17:34

Продавачи, шивачи, чевлари, магационери, готвачи и лозарски работцици се дел од низата на бројни занимања кои се бараат на пазарот на труд, покажува страницата на Агенцијата за вработување. На листата на работни позиции кои со години наназад се покажуваат како дефицитарни се кадри од стручни, научни и технички дејности.

Годинава интересот на средношколците за запишување на Факултетот за електротехника и информациски технологии е голем. Предвидени се 600 слободни места за упис на нови студенти, од кои 460 ќе бидат редовни, а 140 со кофинансирање. Деканот на ФЕИТ Миле Станковски вели дека причината за избор на технички факултет нуди поголема можност за вработување и тоа претставува тренд не само во Македонија, туку и во светски рамки. 

- За нашите инженери во главно има работа и кратко после дипломирањето скоро сите наоѓаат работа. Дури јас имам прилика добар дел од менаџерите на компаниите бараат инженери и проблематично е на најдат инженери кои се без работа. Па добар дел од нашите инженери уште пред да дипломираат одат на работа, рече Миле Станковски – Декан на ФЕИТ. 

 Покрај работна сила и образован кадар, мора да сметаме и на едуцирани менаџери како управувачи со новите идеи и развивање на нови индустриски гранки, велат од Конфедерацијата на работодавачи.   

- Универзитетите најавуваат зголемени бројки според анализите направени од минатата година и тоа е добар показател и добар потенцијал доколку најдеме начин кога тие луѓе ќе завршат да не ги изгубиме туку да останат на македонскиот пазар и во македонската економија. Компаниите треба да ги научиме дека треба да почнат да размислуваат на специјален договор на работен однос, каде ќе го задржат својот кадар и на компаниите треба да им се овозможи таква можност. Образованието каде повеќе се истакнуваат техничките науки навистина добродојдени се за македонската економија и треба да се работи на подобрување на системот на образование, вели Миле Бошков – Претседател на Конфедерација на работодавачи

 Неделава почнува првиот уписен рок на петте државни универзитети во академската 2015/2016-та година, каде има речиси 25.000 слободни места. Информациите за критериумите за упис на кандидатите се објавени на веб страниците на универзитетите. 

Петар Клинчарски

Веста е прочитана 132 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.