ФОТО: Изгорено БМВ во гаража на зграда во Карпош-полицијата ќе вештачи како е подметнат пожарот

16 March, 2017 - 16:57

-Во ходникот имаше чад. Се јавивме во пожарна, но ни рекоа дека веќе е тргнато возило на гаснење на пожарот. Чадот доаѓаше од долу, од гаражата. Ни рекоа да отвориме прозорци и да не излегуваме во ходници, вели за Телма жител на комплексот згради Престиж во скопски Карпош каде вчера рано наутро беше откриено запалено возило во подземната гаража.  

Пожарот се случувал рано наутро, а во полиција бил пријавен седум и пол часа подоцна стои во полицискиот билтен:  

-На 15.03.2017 година во 13.35 часот од ЕИК Скопје било известено дека околу 06.00 часот во Скопје, на ул. „Прашка“  во подземна  гаража настанал пожар, при што било опожарено  ПМВ „БМВ 7“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на П.Т. од Скопје. Увид извршила екипа од СВР Скопје. Возилото ќе биде пренесено во кругот на МВР. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, стои во денешниот билтен на МВР.

Инспектори на МВР цел ден биле на терен и земале примероци. На возилото кое е сопственост на Трајче П. имало скршен прозорец. Не е познато дали оттаму е подметнат пожарот. Предницата на БМВ-то целосно е изгорена. Од пожарот настрадале и блиски инсталации на ЕВН. Жителите на зградата речиси цел ден вчера немале струја и вода поради последиците од изгорената инсталација.

На фотографиите се гледаат остатоците од изгорениот автомобил.

М.С.   

Веста е прочитана 9308 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.